Охриѓани ќе патуваат во минатото преку три документарци за Охрид
„Охридско езеро“, „Дванаесетте од Папрадник“ и „Охридските трубадури“ се насловите кои деновиве охриѓани ќе можат да ги погледнат во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Три кратки документарци ќе ги потсетат охриѓани на едно минато време. Центарот за култура „Григор Прличев“ во соработка со Кинотека на Македонија, направиле избор на три документарни филмови кои што се поврзани со Охрид.
Се работи за насловите „Охридско езеро“ од 1958 година, „Дванаесетте од Папрадник“ од 1965 година и Охридските трубадури произведен во 2005та година.
„Охридско езеро“ и „Охридските трубадури“ се однесуваат директно на Охрид и ги опишуваат убавините на Охрид, но и луѓето кои што во тој период направиле нешто за Охрид, еве пример за охридските трубадури, со групата на Садило, значи се опишува едно време кога трубадурската песна, серенадата била многу актуелна овде во Охрид. „Охридско езеро“, филмот од 58 година ќе ни го прикаже Охрид во тој период како изгледал, природните убавини, стариот град значи ќе може да направиме една паралела, каде сме сега, каде е сега градот, како бил некогаш, колку се изменило, колку не се изменило, ќе можиме да се вратиме на некој начин назад.“-вели директорката на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцеска.
Иако со траење од само 17 минути, исклучително интересна приказна нуди и третиот наслов „Дванаесетте од Папрадник“.
„Дванаесетте од Папрадник“ , всушност се работи за дванаесет учителки од Охрид, кои со завршувањето на учителската школа, заминуваат во Папрадник, во Жупа, за прв пат да започнат амбициозно и со голем елан да започнат со својата работа. Интересно е што токму кај овој филм, многу учителки продолжиле во Охрид со својата работа, некои од нив ја смениле својата струка, дел од нив успеавме да ги пронајдеме и да ги исконтактираме и ќе бидат поканети на проекциите.“– рече Боцеска.
Инаку проекцијата на документарните филмови започнува утре, а ќе трае до петок. Филмовите ќе бидат прикажувани во 20 часот, а цената на влезниците изнесува 60 денари.
Филмовите претставуваат своевидна разгледница на Охрид, на охриѓани и минатото на градот, па треба да бидат особено интересни за помладите генерации, но и за постарите кои би се потсетиле на едно убаво минато.
{loadposition content9}