Отворени две од вкупно трите унифицирани сувенирници во Охрид
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска смета дека со отворањето на овие сувенирници, секој турист ќе има можност да понесе еден автентичен спомен од посетата на Охрид.
Долгонајавуваните сувенирници од вчера и официјално отворени. Нивното поставување е во рамки на програмата на Владата на Република Македонија за поставување на унифицирани туристички монтажни објекти. Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска изрази задоволство што и во Охрид се отвораат вакви сувенирници.
Од вкупно трите предвидени локации, вчера беа отворени две, додека третата ќе биде отворена во наредниот период.
„Имаме можност да отвориме две, едната сувенирница беша кај чинарот, а другата е овде во центарот на Охрид. Мислам дека самото место е одлично и за фреквенцијата на движењето на сите граѓани овде во Охрид и мислам дека овие сувенирници ќе имаат огромна важнопст за сите посетители, за сите туристи кои доаѓаат овде во Охрид, да си купат по некој сувенир кој ќе им остане како спомен, сувенир, автентичен кој го отсликува нашето богато културно наследство и сето она што го поседуваме како држава.“-вели Елизабета Канческа-Милевска-Министер за култура на Р.М
Според градоначалникот на Охрид пак, Никола Бакрачески, овие сувенирници се нова туристичка алатка.
„Сметам дека со добивањето на сувенирниците на уште еден начин внесуваме нов дух во промоција на градот Охрид и историските, културните и традиционалните и духовни вредности на градот Охрид и Македонија. И се надеваме дека со оваа заложба на Владата на Република Македонија, која што во тесна соработка со локалната самоуправа ја остваривме ќе овозможи не само на домашните, туку и на странските туристи да најдат место каде ќе можат да купат автентични сувенири.“-рече Никола Бакрачески-Градоначалник на Охрид
Со овие сувенирници ќе стопанисува НУ „Завод за заштита на спомениците и музеј“-Охрид. Директорката Тања Паскали-Бунташеска смета дека изборот на сувенири кои тука ќе се продаваат ќе биде огромен.
„Како роба што ќе биде продавана во овие сувенирници тоа се копии од артефакти, од сите археолошки локалитети во Македонија, и од Охрид, и од Стоби, и од Исар-Марвинци, од кои се изработени копии. Исто така ќе бидат продавани предмети кои се карактеристични за Охрид, охридскиот бисер, доста копии од охридски икони, фрески, сувенири од цела Македонија.“-изјави Тања Паскали-Бунташеска-Директор НУ „Завод и музеј“-Охрид.
Инаку што се однесува до третата сувенирница која ќе биде лоцирана веднаш пред поштата, Министерката Канческа-Милевска информираше дека веќе се добиени дозволи за нејзино поставување, по што истата и ќе биде отворена.
{loadposition content9}