Пензионерските денови на брачниот пар Тодоровски посветени на одгледување растенија
Пензионерските денови на брачниот пар Тодоровски посветени на одгледување растенија.
Третото доба од животот за секој пензионер би требало да биде исполнето со животна радост и уживање во плодовите од минатиот труд. Вистински пример за ова е брачниот пар Перо и Цеба Тодоровски. Тие од својот двор направиле вистинска градина за уживање. Цвеќиња, раритетни дрвја и зеленило дополнети со фонатана и пергола го опкружуваат нивниот дом. Семејството Тодоровски одлучиле, по 4 децении поминати во странство надвор од татковината, пензионерските денови да ги поминат во Охрид. Задовоството и мирот во животот го пронашле во уредување на својата градина.
„ По 43 години поминати на работа во Германија чекавме да се вратиме во родната земја. Ги сакам цвеќињата и за три години го остварив она што од секогаш сум го сакала и го правам со љубов. Секое утро станувам во 7 часот, па се до 20 часот навечер поминувам со растенијата и го правам она што не сум можела во Германија бидејќи живеев во стан. Овде ми е пријатно уживам и си ја сакам родната земја“.
Тодоровски раскажуваат за почетоците на уредување на градината кои датираат уште пред 4 децении кога ги засадиле ловоровото дрво, палмите и зимзелените дрва. Во изминативе неколку години го надополниле со разни сезонски цвеќиња. Осмислувањето и нацртите за изгледот на паркот се дело на Цеба. Сопружниците покрај калинките и маслината засадиле и други егзотични дрвја како што се палмите, бананата, јапонските јаболка, киви и манго.
„ Се што е во градината, се она што сме посадиле го сакам како да се мои деца. За сите овие години ми е драго секое растение и дрвце, а би сакал паркот да биде уште поубав и да уживам уште повеќе во природната убавина“, напоменува Перо Тодоровски.
Покрај финансиските средтсва кои се потребни да се вложат за купување на цвеќињата и прихраната тие вложуваат и огромна љубов и секојдневна грижа за изгледот на паркот. Ги сакаат сите билки кои ги засадиле во дворот, но сепак имаат омилени цветови и садници кои посебно ги разгалуваат нивните срца.
Обајцата ги сакаат палмите, но и розите кои во пролет и преку лето паркот го прават уште поубав. Цеба открива дека им се восхитува на цвeќињата и кон секое од нив грижливо се однесува, па дури и им зборува.
Сопружниците Тодоровски имаат и градина во која одгледуваат зеленчук и овоштие, но и грозје. Брачниот пар вредно работи, но знае и да ужива во убавината на градината. Перо и Цеба едногласно велат, среќни сме дома во Охрид кога доаѓаат нашите деца и заедно со пријателите уживаме во животот правејќи скара и дружејќи се низ смеа и песна.
{loadposition content9}