Расте интересот кај охридските земјоделци за подигнување на насади со аронија
Владата на Република Македонија преку програмата за рурален развој, нуди субвенционирање на трошоците за подигање на вакви овошни насади.
Се поголем интересот кај охридските земјоделци за подигнување на овошни насади со аронија. Ова растение кое е познато по своите лековити својства, во нашата држава стана вистински хит во последниве неколку години.
Од работната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, велат дека и охриѓани го следат трендот на подигнување на нови овошни насади со овој специфичен вид на овошје.
„Во охридскиот реон и во општина Дебрца има зголемен интерес за пријавување на тој овошен насад од аронија, но исто така нашите индивидуални земјоделски производители се заинтересирани да го садат ова овошно растение затоа што е многу барано, како на домашниот, така и на странскиот пазар. Во нашиот реон нема голема застапеност на овој насад, но има зголемена заинтересираност на нашите индивидуални земјоделци да го садат ова овошно растение кое кај нас зеде посебен значај во последниве години.“-рече Билјана Ѓорческа-Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството-Охрид.
А токму за подигнување на нови овошни насади, Владата на Република Македонија нуди и можности за субвенционирање на индивидуалните земјоделци. За да можат да аплицираат тие мора најпрво да поседуваат минимум 5000 метри квадратни или 0.5 хектари површина под овошни насади.
„Оваа година, 2013, не е во програмата за финансиска подршка во земјоделството, туку е во програмата за рурален развој, што значи дека самиот земјоделец треба да поднесе барање, да ги исполнува условите за добивање на овие средства и висината на подршка е 50 проценти од трошоците што ги има направено земјоделецот, значи има повраток на тие средства вложени за подигање на тој овошен насад.“-вели Ѓорческа.
Рокот за аплицирање за програмата за рурален развој трае до 30ти Септември.
Инаку Аронијата е лековито зрнесто овошје, слично на боровинките кое е високо отпорно на ниски температури, поради што често се нарекува и сибирска боровница. Расте на листопадна грмушка која достигнува висина од 1- 2 метри. Не бара посебни услови при одгледување, расте и на неплодна почва.Аронијата е отпорна на болести и штетници поради што не мора да се прска што ја прави еколошки чист производ.
{loadposition content9}