Македонија и Хрватска ги продлабочуваат културолошките врски
На тридневниот собир учествуваат еминентни професори од Хрватска, како и професори од Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик и други научни установи од Скопје.
Во организација на Институтот за македонска литература во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се одржува меѓународниот научен собир на македонско-хрватски книжевни, културни и јазични врски. Станува збор за четврти по ред научен собир, кој има своја традиција и континуитет и се реализира во соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека.
На овогодинешниот собир, учество земаат поголем број професори и истражувачи од Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ од Осијек, особено од Одделот за културологија, со кој Институтот за македонска литература има склучено договор за соработка во подрачјето на науката и високото образование.
На отварањето на меѓународниот научен собир за Македонско – хрватски книжевни, културни и јазични врски во Конгресниот центар во Охрид топло добредојде, успешна и делотворна работа им посака Гордана Коњановска, претседател на Советот на општина Охрид.
„Јас сум убедена дека ваквите настани се можност народите да ги препознаат сличностите меѓу себе, да се свртат и да упатат еден заеднички поглед кон она што е историја, традиција. Оттаму да извлечат сознанија, заклучоци кои што ќе ни помогнат да се упатиме во вистинска насока, кон она што е наша иднина, и кој ако не научниците се повикани да ја вршат таа света мисија.“-вели претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска.
Инаку на собирот учествуваат еминентни професори од сродните факултети и истражувачки институти во Загреб, Пула, Задар и други научни центри во Хрватска како и професори од Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик од Скопје, Факултетот за драмски уметности, Филолошкиот факултет. Претходно вакви македонско-хрватски научни собири се одржани во 2006та, 2007та и 2011та година.
{loadposition content9}