Хумана оригами работилница
Преку древната јапонска вештина на изработка на оригами, до помош на социјално најзагрозените лица во Охрид.
Младите охриѓанчиња ја развиваат креативноста и меморијата преку оригами работилници. Од неодамна во просториите на Црвениот крст од Охрид дечињата почнаа да се запознаваат со оваа древна јапонска вештина.
За нив, ништо не е тешко да се изработи доколу се сака, но секоја фигура велат дека си има своја специфика. Покрај дружбата, работилниците воедно ја поттикнуваат и всадуваат хуманоста како човечка вредност кај најмалите.
„Интересно е, се забавуваме, се релаксираме, изработуваме различни фигури кои понатака ќе ги продаваме за да помогнеме на децата кои се беспомошни, донациите ќе одат во хуманитарни цели.“
„Најлесно беше жеравот, а најтешко беше ѕвездата со 16 краци.“-рекоа дел од децата.
Хуманитарниот карактер, работилниците го добиваат преку акциите за продажба на сите оригами фигури кои дечињата ќе ги изработат.
„Првата акција ќе биде во Среда, пред претставата во киното, која што ќе биде изведена од средношколци кои што се волонтери во Црвениот крст. Ќе имаме ние еден штанд со овие производи кои што еве и денес ги работиме и ќе продаваме. Ги повикувам охриѓани да дојдат и да купат и да бидат хумани. Парите ќе одат во хуманитарни цели, ќе се изработуваат пакети со храна, со што го подржуваме и Денот во борба против гладта, односно целата недела што е сега за борба против гладта.“-вели оригами инструкторот, Наташа Алексиќ.
Но работилниците не завршуваат тука. Алексиќ продолжува со својата работа, а покрај двете млади групи, вели дека ќе формираат и други.
„Работилниците се бесплатни, и во моментов се две групи формирани, и третата ќе биде пензионери, засега, но ќе се направат и подгрупи од овие групи, бидејќи навистина интересот е голем и на секоја нова работилница имаме нови и нови деца. Целта е да се направат пет групи. Првата ќе биде од прво до трето одделение, втората ќе биде со основците, третата со средношколци, четвртата со возрасни, и петтата со пензионери.“-рече таа.
Оригами работилниците започнале од Февруари годинава, но во просториите на Црвениот крст се организираат од почетокот на оваа учебна година. Инаку овие работилници се само дел од хуманитарните активности кои Црвениот крст ги организира по повод Неделата за борба против гладта, која трае од 16ти до 22 Октомври.
{loadposition content9}