Сојузот на слепи работи на подобрување на опшетствениот статус на членовите
Сојузот на слепи работи на подобрување на општествениот статус на членовите.
Македонските здруженија на слепи лица утре го одбележуваат меѓународниот ден на белиот стап. Сојузот на слепи лица од земјава постојано работи на подобрување на животот на своите членови. Во годините наназад лицата без вид оствариле повеќе социјални права и бенефиции. Најнова придобивка е онаа од здравството. Придружникот на слепото лице кое се лекува во болница да има бесплатен престој. Охридското здружение кое брои околу 90 членови остварило средба со новата Локална самоуправа. Славчо Џајкоски, претседателот на здружението на слепи лица информира дека добиле ветувања од новото општинско раководство дека слепите лица ќе бидат поддржани и дека ќе добијат одредени бенефиции од комуналните услуги на општинските јавни претпријатија.
„Дел од тие комунални ослободувања ги имаме, ни треба само да се регулираат поконкретно. Во моментов со наши забелешки ќе ги добиваме правилно бенифициите, а ќе може да ги користат и другите категории инвалиди, но да се спречи злоупотребата и користењето од други на кои тоа не им е потребно.“
Џајкоски кажува дека постојано се следат потребите и интегрирањето на слепите лица во општествената заедница. Тој вели дека приватните заштитни фирми ги вработуваат овие лица, а тие се грижат и ги насочуваат за да се едуцираат и стекнат основно и средно образование. Се грижат и да се следат современите технички достигнувања.
„ Најмногу сме заинтересирани за користење на компјутери и интернет. Со помош на Владата сме во процес на изготвување на звучна програма која ќе им помага на слепите лица да можат да работат и да ја применуваат компјутерската технологија во нивната работа“.
Охридското здружение во текот на целата година планира и реализира низа активности. Една од интенциите им е музејските и културно – историските споменици да ги направат подостапни за слепите лица. Во соработка со охридскиот Завод и музеј се во преговори да се испечатат брошури со Брајовата азбука.
Централната манифестација за одбележување на Меѓународниот ден на слепите ќе се одржи утре во Скопје. Слепите лица ќе го одбележат денот на белиот стап со дефиле низ скопските улици и со промоција на книгата „ Мојот живот без вид“ од Димитар Дерманџиевски, првиот претседател и основач на Сојузот на слепи на Македонија.
{loadposition content9}