Локалната ќе ја реконструира поплавената „Илија Смически“ во Лескоец
Од таму велат дека веќе неколку дена стручните служби се на лице место.
Локалната самоуправа ќе го решава горливиот проблем на жителите на улицата „Илија Смически“ во Лескоец.
Оваа улица веќе дваесет години целосно се поплавува при пообилни врнежи. За жал токму такви беа временските прилики изминативе неколку денови. Дел од жителите на оваа улица се обратија до нашата телевизија како би алармирале за проблемот. Ситуацијата беше токму онака како што ја опишаа а ја регистрира нашата камера. Одговор за проблемот кој го имаат жителите на „Илија Смически“, побаравме во локалната самоуправа. Од таму ни рекоа дека веќе неколку дена работат на решавање на истиот.
„Малку ми е симптоматично што токму во овој период имаше реакција со повикување на медиуми и привлекување на јавноста, баш во периодот кога за прв пат по 20 години некој започна активности за решавање на тој проблем. Меѓутоа јас ги разбирам граѓаните, разбирам дека е тешко да се живее со тој проблем и можам да ветам дека таа улица „Илија Смически“ ќе биде комплетно санирана, водата ќе биде одведена од самото место, а улицата ќе биде подготвена за асфалт и асфалтирана.“-рече секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Спасески потенцира дека сепак не станува збор за едноставен проблем, бидејќи можното решение зависи од сеуште нерешени имотно-правни односи. Додава дека целосната санација на улицата ќе ја прават со странски пари.
„Комплетното реновирање на улицата е предвидено од средствата кои општина Охрид ќе ги добие од Светска банка. За дотогаш согласно нашиот акционен план кој го имаме подготвено со секторот за комунален развој, сообраќај и улици е да ги договориме сите имотно правно односи кои се таму, да видиме на кој начин ќе се одведува водата од местото каде што во моментов се собира и со помош на ЈП „Нискоградба“ тој проблем за скоро да го надминиме.“-вели Спасески.
Екипите од локалната изминативе десетина дена, интензивно работеле на овој проблем. Се мери теренот, се прават анализи низ кои имоти ќе треба да помине канализационата мрежа, како и пресметки колкави штети би претрпеле жителите на тој дел и како тие штети да се покријат. Спасески рече дека бидејќи градежната сезона е завршена, со реконструкција на улицата ќе започнат на почетокот од новата градежна сезона.
{loadposition content9}