Зголемување на енергетската ефикасност со европски пари
Градовите од пограничните региони во Македонија и Албанија, заеднички ќе работат на подобрување на енергетската ефикасност и употребата на обновливи извори на енергија.
Само 55 проценти од вкупното производство на енергија во земјава се задоволува од домашни извори, додека 45 проценти се увезуваат од странство. Ова е само еден од интересните факти кои неоспорно говорат дека енергетската ефикасност и употребата на обновливи извори на енергија не се приоритет во нашата држава. Ова ќе се обиде да го промени Македонскиот центар за енергетска ефикасност кој е лидер на проектот за прекугранична соработка со Албанија токму во областа на енергетската ефикасност. Тие сметаат дека и двете земји се соочуваат со истите предизвици. Целна група на нивниот проект се малите и средни претпријатија, јавната администрација и воопшто граѓаните во пограничните региони.
„Енергетската ефикасност значи имплементирање на мерки за штедење на енергија. Во сите објекти каде што се троши нерационално, со примена на мерки за енергетска ефикасност, треба да се вгради некоја опрема, да се изолира објектот, да се заменат прозори. Се што е потребно. Замена на светилки, тоа значи дека таа опрема треба да се купи, треба некој да ја одржува, тоа значи дека можеби на некое претпријатие ќе му отвориме нов пазар, нови можности.“-вели лидер на проектот, Јасминка Димитрова-Капац.
Директорот на заедничкиот технички секретаријат од Струга, Гоце Толески, смета дека моменталното искористување на енергијата е крајно несоодветно.
„Сега има многу несоодветно користење, големи трошоци во поглед на користењето на енергијата. Тие треба да ги научат како таа скапа енергија максимално можеме да ја искористиме, да имаме поголеми заштеди.“-рече Гоце Толески од Заедничкиот секретаријат во Струга.
Долгогодишни соработници на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија е и ЕУ центарот за енергетска ефикасност од Албанија.
„Во денешно време ја знаеме важноста на енергијата и како што знаеме, конвенционалните енергетски горива постојано се намалуваат, па дури може да се соочиме и со енергетска криза. Па со овој проект ќе ја зголемиме енергетската ефикасност во двата региони, ќе ја намалиме потрошувачката на биогорива и тоа ќе помогне во заштита на природата.“-изјави Мерита Ламлари од ЕУ центарот за енергетска ефикасност од Албанија.
Инаку средбата помеѓу партнерите во спроведувањето на овој проект претставува почетен состанок кој е дел од активностите на проектот чија цел е да се утврди и зголеми користењето на обновливи извори на енергија и енергетската ефикасност во прекуграничниот регион, особено во југозападниот регион на Република Македонија и регионот на Корча-Албанија.
{loadposition content9}