Сојузот за иднината, демонстративно ја напушти денешната седница на Совет
По примерот на нивните колеги од останатите општини, охридската опозициона коалиција на овој начин го искажа незадоволството од изречената мерка притвор за советникот од општина Центар, Мирослав Шиповиќ.
Опозиционата коалиција Сојуз за иднината ја бојкотираше денешната седница на Советот на општина Охрид. Во знак на револт за притворањето на советникот од општина Центар, Мирослав Шиповиќ, коалиционите партнери од охридската опозиција демонстративно ја напуштија денешната седница на советот на општина Охрид. Координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев рече дека на овој начин го искажуваат револтот против институционалното насилство кое се вршело за да се замолчи Шиповиќ. Тунтев апелираше до одговорните од власта да го пуштат советникот Шиповиќ да се брани од слобода.
„На тој начин само ќе докажат дека има сеуште некаков демократски капацитет во оваа држава затоа што многу е важно и од есенцијално значење вистината да излезе на виделина и да се овозоможи несметано функционирање на институцијата, совет на општина Центар. Заеднички ни е ставот, на целата коалиција Сојуз за иднината дека ова е еден легитимен начин на советниците од сите општини од опозицијата да го искажеме нашиот став, нашата подршка за нашиот колега Шиповиќ и нашиот револт против мерката притвор односно против начинот на кој што беше и е лишен од слобода.“-рече Томислав Тунтев-Координатор на советничка група на СДСМ.
Според советниците од владејачката гарнитура пак, има дополнителни причини поради кои опозицијата ја напушта седницата.
„Ова е уште еден доказ на лицемерието и непринципиелноста на СДСМ. Ние сме сите сведоци дека нивните најчести зборови се владеење на правото, меѓутоа кога нивни член се соочува со обвинение за сторен криминал, тогаш го забораваат владеењето на правото и веднаш започнуваат притосоци врз судската власт. Причината уште поголема за напуштањето на денешната седница на совет е тоа што прва точка на дневен ред е извештајот за финансиското работење односно задолжувањето на општина Охрид во изминатиот период.“-вели Сашо Донев-советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
За наредната седница на Советот на општина Охрид, која е закажана веќе во четврток, опозиционата коалиција најави дека ќе продолжи по нормален тек, односно дека тие ќе учествуваат и во работата на комисиите, како и на идните седници на советот на општината. Поради поддршка на Шиповиќ, изминатите неколку дена советниците од Сојузот за иднината ги бојкотираа седниците во град Скопје, општина Кисела Вода, Куманово, Штип, Велес и Дебрца. Инаку претседателот на општинската организација на СДСМ и претседател на советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, пред две недели беше уапсен на виенскиот аеродром како еден од осомничените во случајот „Машинопромет“.
{loadposition content9}