Партиципативно тело ќе ги решава проблемите од сферата на урбанизмот
Ова посебно тело е составено од стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, но и професионалци од други области.
Партиципативно тело од областа на урбанизмот ќе го планира урбанистичкиот развој на градот. Советниците уште на дванаесеттата седница на Советот на општина Охрид го изгласаа создавањето на ова тело кое треба да има советодавна улога. Според секретарот на општината, Димитар Спасески, телото е формирано поради искрената намера на оваа локална самоуправа да ги реши проблемите од областа на урбанизмот.
За таа цел, биле избрани и соодветни членови на телото.
„Членови на партиципативното тело се советници во Советот на општина Охрид и стручни луѓе од областа на урбанизмот и докажани професионалци во определени други области кои што би можеле да дадат визија за развојот на Охрид. Партиципативното тело е замислено како тело кое што ќе го сочинуваат стручњаци од областа, урбанисти и луѓе кои што не се во самата фела на урбанизам, кои од граѓански аспект ќе ги набљудуваат работите во тоа телот. Од тоа тело очекуваме сериозни анализи во однос на урбанистичкото планирање на Охрид.“-рече Димитар Спасески-секретар на општина Охрид.
Спасески дециден дека членовите на ова тело не се бирани по партиската припадност туку по својата професионалност и долгогодишно искуство. Инаку како дел од урбанистичкото партиципативно тело членуваат советникот Иљат Ибраим како дипломиран градежен инженер, дипломираните инженери архитекти Мимоза Лошкоска- Миноска, Лиле Јоноска, Никола Точко, Тања Паскали-Бунташеска и Павлина Целеска, потоа проф. Д- р Сашо Коруноски- доктор по Историја на уметност и археологија, градежниот инженер Нина Трендафилова како и Наум Јамандиев- професор по физичка култура.
{loadposition content9}