Одбележани 69 години слободен Охрид од фашистичката окупација
Одбележани 69 години слободен Охрид од фашистичката окупација.
7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид, значаен историски датум беше одбележан со одавање почести на жртвите паднати за слободата на градот. На свечената седница беше одржан историски час на кој Никола Стефаноски, потпретседателот на Сојузот на борци на Охрид и Дебрца, се наврати на значењето на 7-ми Ноември. Потсети на 40- тината млади борци кои своите животи ги положија за слободата.
„Заедно да го споделиме споменот во одбележувањето на датумот кој го чува и означува времето кое треба да го паметиме и да не го заборавиме“, им порача на присутните во своето обраќање Стефаноски.
Свечената седница беше во организација на Локалната самоуправа и општинската организација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца. Претставници од Сојузот на борци остварија средба со охридскиот градоначалник Никола Бакрачески. Морам да кажам дека сите живи борци учесници во НОБ се задоволни од денешниот состанок, рече претседателот на општинската организација на Сојузот на борци, Гоце Георгиески.
„ Ние ги искажавме потребите и барањата за актвиностите кои треба да ги обавуваме спрема годишниот план за работа и календарот за одбележување на значајни датуми, настани и личности од нашето подалечно и поблиско национално минато. Се што предложивме без исклучок, градоначалникот прифати, а некои работи ни сугерираше да ги ставиме во барањата за да влезат во буџетот на Локалната самоуправа. На тој начин одбележувањата да бидат на повисоко ниво за се пренесуваат до идните генерации со цел да се остваруваат цели и задачите на организацијата на Сојуз на борците, зачувување и негување на борбените традиции, придобивките од НОБ, негување на патриотскиот дух и развивање на љубовта кон татковината.“
Празникот го чествуваа повеќе генерации и се споија младоста и зрелоста. Денот на ослободувањето на градот, 7-ми Ноември беше одбележан со богата музичка и рецитаторска програма. Членовите на пејачката група на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, исполнија музичка програма и рецитал со поезија. Музичко претставување имаа и младите играорци од КУД „Гердан“.
Претставници на општествениот, јавниот и политичкиот живот положија свежо цвеќе на Спомен паркот на паднатите борци и на спомен облежјата на градскиот плоштад, во с. Рамне и на градските гробишта во Охрид.
{loadposition content9}