Skip to main content

Локалната за недела дена ќе ја обелодени програмата за Новогодишните празници

Велат дека прават напори со одбележувањето на позначајните празници во зимскиот период максимално да ја продолжат туристичката сезона.

 |  Мишел Наумоски  | 
Nova Godina
Нова Година

Локалната самоуправа ја подготвува програмата за и околу новогодишните празници. Со креирање на побогата програма, со креирање на подобра понуда, сметаат дека во голема мера можат да ја продолжат туристичката сезона во Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека програмата која тие ќе ја подготват нема да биде само за 31 Декември, туку ќе настојуваат да обезбедат туристичка понуда еден до два дена пред и еден до два дена од новата година. Потенцира дека секторот за туризам и локален економски развој активно работи на утврдување на агендата, а побара и активна вклученост и на угостителите.

„Со оглед на фактот дека туристичките работници би требало да бидат најзаинтересирани за успешно одбележување на новогодишните празници, јас очекувам од нив многу поактивно учество и поактивна партиципација во спроведување на програмските задачи кои што ние ќе ги формулираме во текот на овие 7 до 10 дена. Секако дека нивното учество подразбира активно вклучување во спонзорирање на таквите програми и секако активна партиципација во организација на одбележувањето на новогодишните празници.“-рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Од еснафот на угостители пак ја поддржуваат иницијативата на локалната за заеднички, организиран настап во пресрет на новогодишните празници.

„За секоја работа треба двајца. Јас ја поздравувам таа идеја и нешто мора да преземеме за да донесеме повеќе гости за Нова Година и за другите празници во текот на зимскиот период. Нормално не можам конкретно да кажам како би се одвивало сето тоа, но добро е што има најави дека ќе соработуваме, затоа што интересот е заеднички. Интерес имаме и ние како поединци, како бизнисмени, интерес има општината, интерес имаат и граѓаните на Охрид. Се надевам дека, не знам, можеби е доцна за годинава, но на еден подолг период ќе има резултати.“-вели Димитри Пендоски-Претседател на угостителски еснаф.

Инаку градоначалникот Бакрачески, ги охрабри угостителите да излезат со свои предлози и идеи со кои би можеле да направат заеднички збир на активности не само во текот на новогодишните празници, туку и за големиот христијански празник Богојавление-Водици.

{loadposition content9}