Skip to main content

Недела на HIV тестирање

Во Македонија се уште нема случај, лице инфицирано од ХИВ јавно да проговори за својата состојба.

logo
лого

Се уште, предрасудите кон овие лица се големи, а неретко се случува да бидат одбиени и за здравствени услуги. Неинформираност и непознавање, за жал постои и кај здравствените работници.

Луѓето инфицирани од ХИВ се плашат да проговорат, од многу причини. Ние се уште сме општество со предрасуди, па и оттука потекнува стравот од осуда и отфрлање од страна на околината. Стравуваат од губење на работното место.

Подигнувањето на нивото на информираност и јавна свест за лицата со ХИВ како и елиминирање на предрасудите и дискриминацијата се главните цели на активностите кои под мотото „Да ги симнеме предрасудите“ ги спроведува здружението „Заедно посилни“ во соработка со голем број истакнати личности, институции и организации од земјава.

logoАктивностите на „Заедно посилни“ кои се дел од пошироката национална кампања во која се вклучени и Канцеларијата на Светската здравствена организација и Министерството за здравство опфаќаат повеќе едукативни и информативни содржини, работилници и настани. Предвидени се дебата со проекција на видео насловена како „Позитивни разговори“ што ќе се одржи во недела на 24 ноември во МКЦ во 20 часот како и добротворниот концерт на Македонската филхармонија и операта предвиден за Светскиот ден против СИДА на 1 декември
Од 1987 до 2012 година официјална бројка на инфицирани од ХИВ е 169, од кои 69 починале, па таа бројка изнесува околу 100. Главно прашање за лицата инфицирани со ХИВ е сеопфатна здравствена грижа и континуирана достапност на терапијата, која е бесплатна. Буџетот наменет за терапијата за следната година е зголемен, па се очекува во 2014 да се надминат сите пречки.

Она што е важно да се знае дека овие лица доколку редовно примаат антиретровирусна терапија можат да водат сосема нормален живот и да основаат семејства. Жена која е инфицирана со ХИВ и зема континуирано терапија може да роди бебе кое не е инфицирано. Најголем ризик за новороденчето е пораѓајот, односно контактот со крвта на мајката, но и ова е решливо преку пораѓање со царски рез. Ризикот да се пренесе вирусот додека бебето е во утробата или додека мајката го дои, е многу мал. Повторно доколку лицето е под континуирана антиретровирусна терапија.

Доколку правите тест, добро е да знаете дека за да бидете најсигурни во резултатите, најдобро е да се тестирате три месеци од моментот на „сомнителниот“ сексуален однос или случај. Антителата кои организмот ги создава, доколку е инфициран од овој вирус се развиваат побавно и овој процес уште е познат и како „период на прозорец“.Во тој период тестот може да не биде валиден, бидејќи не можат да се детектираат антителата или делови од вирусот.

Но како и да е, треба убаво да се погледнеме меѓусебе и да се прифатиме, затоа што можеби некој што седи во иста канцеларија со вас или блиску до вас, е носител на вирусот.

{loadposition content9}