Утрешниот „Ден на дрвото“, „тежок“ пет милиони садници
Под мотото „Засади здравје! Засади здрава иднина!“ утре ќе се одржи 12. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“
Под мотото „Засади здравје! Засади здрава иднина!“ утре ќе се одржи 12. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“, во која треба да бидат засадени пет милиони садници на површина од 1.150 хектари низ цела Македонија.
Приоритети за пошумување се опожарени површини, голини во и надвор од шума во рамки на „Шумско стопанските единици“, локалитети во непосредна близина на урбани и рурални средини, локации покрај природни и вештачки езера на територијата на Република Македонија и државни патишта. Ќе се садат повеќегодишни дрвца од видовите даб, питом и див костен, јасен, јавор, каталпа, дива маслинка, липи, смрча, чемпрес, црн орев, багрем, бреза, бор, дуглазија, туја,… Покрај езерските крајбрежја во Охрид, Струга и Дојран изминатиот период беа засадени 400 палми. Изборот на дрвни видови за пошумување го врши „Македонски шуми“ во зависност од климатските услови, надморската височина и фенологијата на садниците.
За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи утрешниот ден за неработен.На 12. акција акцентот е ставен на придобивките од пошумувањето за здравјето на луѓето, животните и целиот био-свет. Покрај спотот и промотивен материјал, со дизајн од плакатот брендиран е и двокатен автобус на ЈСП.
Промотивната кампања почна во петокот, кога дрвца засадија медицински експерти. Во акцијата денеска се вклучија и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и претставници на дипломатскиот кор.
Првата акција „Ден на дрвото“ беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиона дрва. На 28 октомври 2008 година беше организирана и втората со засадување шест милиони садници, по што акцијата стана традиционална и досега засадени се над 51.432.310 шумски садници.
{loadposition content9}