Еден нов регистриран случај на ХИВ СИДА во Охрид во пресрет на неделата за борба против сидата
25 нови регистрирани на ниво на цела Македонија оваа година. Ова е црната статистика со која Црвениот крст од Охрид, невладината „Опција“, локалниот совет на млади и Центарот за јавно здравје заеднички ќе се борат во неделата за борба против сидата.
194 регистрирани лица заболени од ХИВ СИДА во Република Македонија од почетокот на епидемијата од 1987та година па се до денес. Од оваа бројка, 143 лица се болни од СИДА, а 51 лице инфицирани од вирусот. Страшните бројки говорат и за 71 починато лице од оваа болест. За жал, само во оваа 2013та година биле регистрирани 25 нови случаи на ХИВ СИДА во државава.
„Во Охрид од 1987 година до денес се регистрирани седум лица како СИДА, од кои шест се заболени од СИДА и починати, а во 2013 година, во последниов период имаме регистрирано едно ХИВ позитивно лице, машка личност, на возраст од 20 до 29 години, хетеросексуалец.“-вели д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска од Центарот за јавно здравје од Охрид.
Со оваа црна статистика, а по повод Светскиот ден за борба против сидата, 1ви Декември, Црвениот крст од Охрид, невладината „Опција“, локалниот совет на млади и Центарот за јавно здравје ќе се борат со здружени сили.
„Најпрво во недела, на 1ви Декември, ќе започнеме од 12 часот со доброволно тестирање за сите оние млади луѓе, но и секој кој сака да го дознае својот ХИВ статус, во нашето комбе кое што ќе биде поставено на градскиот плоштад, и секој еден кој што сака доброволно и дискретно да се тестрира, ќе може тоа да го направи, тоа ќе го прават екипите на Црвениот крст, Центарот за јавно здравје и невладината „Опција“ од Охрид.“-рече Сашо Точков-Претседател на Црвен крст-Охрид.
Од невладината „Опција“ од Охрид пак велат дека преку целата година работат на превентивни активности, пред се преку проектот „Одржување ниска ХИВ преваленца во Република Македонија“, работејќи со целните групи. Царева Алчева-Рувинова од „Опција“ вели дека комбето за тестирање не го користат само на светскиот ден за борба против сидата.
„Во текот на месецот доаѓа два пати, едниот термин го има Црвениот крст, другиот термин го имаме ние, „Опција“-Охрид со нашите целни групи, опфаќаме голем број на целни групи, покрај нашите со кои работиме. Ги опфаќаме младите, студентите, затворениците, дури и општата популација.“-изјави Царева Алчева-Рувинова-НВО „Опција“.
Во одбележувањето на светскиот ден за борба против сидата се вклучи и локалниот совет на млади од Охрид.
„Ние ги дониравме и панделките кои се еден симбол на оваа кампања. Испраќам еден апел до сите млади во општината активно да се вклучат во активностите од оваа кампања и да се запознаат со начинот за превенција од оваа болест на денешницата.“-вели претседателот на локалниот совет на млади, Горан Шибакоски.
Инаку во рамките на неделата за борба против сидата ќе повеќе активности. Волонтерите на Црвениот крст, локалниот совет на млади и невладината Опција во недела ќе ги посетуваат кафулињата на плоштадот и ќе делат едукативни материјали, кондоми и црвени панделки.
На градскиот плоштад во 17 часот ќе биде симболично направена и голема црвена панделка околу која ќе бидат поставени сите млади со цел да испратат силна порака дека не треба да постои дискриминација, и да постои максимална заштита за сите млади. Активностите во текот на неделата ќе се пренесат и на факултетите, во средните училишта и во повозрасните класови во основните училишта.
{loadposition content9}