Советот на општина Охрид ја заврши оваа година со донесување одлуки за наредната
Денес се одржа последната седница за 2013. И таа како и останатите беше исполнета со жестоки дискусии и спротиставени ставови.
Градските избраници работно го поминаа претпоследниот ден од оваа година. Денес се одржа 17тата седница на која се расправаше по четириесет точки од дневниот ред. Најголем дел од нив се однесуваа на предлог одлуките за усвојување на развојните програми од различни области. Ова беше само претходница на донесувањето на буџетот за 2014та кој и тоа како е важен за функционирањето на општината во годината што следува. Прва на дневен ред се најде предлог одлуката за усвојување на Развојната програма за изработка на урбанистички планови за општина Охрид во 2014-2016 година. На самиот старт советниците жестоко ги искажаа своите спротивставени ставови. Координаторот на советничката група на коалицијата „За подобра Македонија“, Томислав Тунтев ги потсети советниците од сегашната позиција дека нивните колеги во претходниот мандат изрично биле против изработката на некои урбанистички планови за кои сега треба да се даде зелено светло. Со ова се согласи и советникот од ВМРО НП, Јоне Станкоски.
Вие не само што бевте против донесување на урбанистички планови туку и ги оструиравте сите точки од сферата на урбанизмот. Сега се сменија работите. Истите планови како прекопирани ги предлагате пред овај состав на совет, а и имате издвоено за околу еден милион повече средства за нивна реализација, рече Станкоски.
Станкоски потенцираше дека популизмот на ВМРО ДПМНЕ се повеќе доаѓа на површина. Тој истакна дека нема да гласаат за оваа програма. Наспроти неговите констатации застана секретарот на општината Димитар Спасески.
Ние мора да им излеземе во пресрет на граѓаните кои со години чекаат да им се реализираат урбанистичките решенија, изјави Спасески.
Откога после бурна расправа се изгласа првата точка, седницата понатаму зазеде помирен тек. Со помали дискусии или без дискусија беа изгласани и останатите програми кои беа на дневен ред на денешната седница.
{loadposition content9}