Македонските ракометари вечерва против репрезентацијата на Австрија
Ракометната репрезентација на Македонија, вeчерва, против Австрија ќе го одигра натпреварот од третото коло, во Б групата на Европското првенство.
Ракометната репрезентација на Македонија, вeчерва, против Австрија ќе го одигра натпреварот од третото коло, во Б групата на Европското првенство.
Во пресрет на мечот Австрија има два бода, Македонија и Чешка по еден, додека Данска со две победи веќе обезбеди пласман во втората фаза. Во пресрет на натпреварот има неколку математички варијанти како Македонија може да стигне до втората фаза, а најпосакуваната е во дуелот со Австријците да забележи победа, со што во вториот круг би влегла со два бода.
Македонската селекција има позитивно искуство со Австрија, преку оваа репрезентација, низ баражот, беше изборен пласман на Светското првенство во Шпанија, но од тие натпревари противникот бележи видлив напредок во играта.
Исланѓанецот Петаркур Јохансон, кој е селектор на Австрија, во играта на оваа репрезентација внесе многу елементи на скандинавската школа. Австрија игра брз ракомет, со едноставни решенија во нападот, додека во одбраната се потпираат на голманот Мариновиќ и зоната 6-0.
„Мислам дека многу напредувале и дека се посилни за разлика од нашите претходни две средби во баражот за светското првенство во Шпанија. Посебно треба да внимаваме на нивните крила кои брзо се трансформираат од одбрана во напад и можат да бидат многу незгодни“, изјавил Влатко Митков, кој настапува во австриското првенство.
Кога станува збор за избраниците на Ивица Обрван, тие ќе мора да корегираат неколку работи во однос на претходните два меча, доколку сакаат да победат. Најмногу ќе треба да ја поправат играта во нападот, односно да го намалат бројот на техничките грешки. Кога станува збор за нападот, добро ќе биде да ’проработи’ и некој друг играч, бидејќи од бековската линија капитенот Лазаров, против Чешка имаше помош само од Миркуловски.
Македонија на овој меч ќе биде без Никола Стојчевски, за кого поради обновената повреда на препоните ЕП веќе заврши, додека добра е веста дека Филип Миркуловски ќе биде подготвен за настап.
Натпреварот помеѓу Македонија и Австрија ќе започне во 18:15 часот, а ќе се одигра во Хернинг, два часа подоцна својот натпревар ќе го започнат Данска и Чешка.
{loadposition content9}