Кои се најпрофитабилните професии во Македонија?
ИКТ профил, правник, банкар и пилот остануваат најпрофитабилните професии во државата.
ИКТ профил, правник, банкар и пилот остануваат најпрофитабилните професии во државата.
Изминатата година во овие сектори се исплатени највисоките плати, додека кожарската и текстилната индустрија остануваат најниско платени. Во поглед на висината на платата и активноста на пазарот на трудот и понатаму доминантни се мажите во однос на жените.
Последните податоци со кои располага Државниот завод за статистика покажуваат дека висината на личниот приход во октомври во секторот правни и сметководствени дејности достигнал 41.476 денари што е за 20.229 денари повеќе од просечно исплатената плата во Македонија. Над просекот се и платите исплатени во телекомуникацискиот сектор со 38.951 денари, воздухопловниот сектор со 38.701 денар и финансиските и услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови со 37.720 денари.
Вработените во погоните за преработка на кожа во октомври зеле 10.111 денари, додека на оние во производствените капацитети за текстил им биле исплатени околу 11 илјади. По нив следуваат работниците кои се занимаваат со производство на мебел со исплатени околу 13 илјади денари.
Заводот за статистика за октомври бележи зголемување на просечната исплатена нето плата за еден процент во однос на истиот месец во 2012 година. Зголемување е забележано во секторите Градежништво, Транспорт и складирање и Рударство и вадење камен.
Висината на платата зависи од степенот на образование
Степенот на образование и понатаму во голема мерка има влијае врз висината на платата. Статистиката покажува дека лицата со завршено високо и вишо образование се значително подобро позиционирани на пазарот на трудот и подобро платени, отколку оние со основно и средно образование. Така, најголем дел од невработените или 114.350 лица се со средно образование, додека драстично помалку односно 41.509 лица со завршено високо образование се без работа.
Кога станува збор за половата структура може да се констатира дека мажите се подобро платени отколку жените. Тие земаат поголема плата гледано и од аспект на возраста и од аспект на образованието. Доминантноста на машката популација во однос на женската се согледува дури и во поглед на вработеноста така што ако се анализира третото тримесечје минатата година може да се забележи дека 60,5 проценти од вкупното активно машко население се вработени за разлика од 39,5 проценти од женското активно население.
Скопскиот регион со највисоки плати
Главниот град и понатаму останува место најпривлечно за вработување каде работните места се највисоки платени во државата. Така, според последно објавените статистички податоци, Скопскиот регион значително предничи пред Полошкиот, Југозападниот и Североисточкиот регион. Најмалку платени се работниците вработени во компаниите во Источниот и Вардарскиот регион.
Сепак, кога се говори за платите во регионите и разликата меѓу нив, треба да се има предвид дека потрошувачката кошничка во главниот град е значително поголема, отколку во помалите места во државата.
Во споредба со земјите од регионот, Македонците заедно со Албанците и Србите имаат најниски плати, а подобро платени се Хрватите. По нив следуваат граѓаните на Црна Гора и Босна и Херцеговина. Од земјите во светот, највисока плата имаат жителите на Швајцарија, а по нив следуваат Норвешка, Луксембург, Австралија, Катар, Данска, САД, Шведска, Јапонија и Финска.
{loadposition content9}