Пастрмката се враќа во Охридското Езеро
Се подобрува состојбата и со рибниот фонд на белвицата, крапот и плашицата. Концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“ задоволен од досега собраните колични икра од почетокот на вештачкиот мрест.
Се подобрува состојбата со рибниот фонд во езерото. Ова може да се види по собраните колични икра во првите два дена од риболовот за вештачки мрест, кој го спроведува концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, а започна во петокот.
Минатата година собравме 30 проценти повеќе икра во споредба со претходната година.
Според почетокот мислам дека сме во можност да ги надминеме минатогодишните количини на собрана икра за 80 проценти, што ќе биде голем чекор кон обновување на рибниот фонд на пастрмка во Охридското Езеро -изјави Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“.
Ваквата состојба пред се се должи на ангажираноста на вработените во претпријатието, а посебно на рибочуварската служба, како и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и МВР.
Природните плодишта на охридска пастрмка се чуваат деноноќно, а езерото се набљудува и со софистицирана опрема, рече Танасоски.
Задоволува и мрестот на другите видови риба, вели концесионерот на езерото. Се обновува популацијата на белвица, крап и плашица.
За прв пат после долги години па и децении, забележавме големи јата на млад крап во Охридското Езеро. Што се однесува до белвицата која беше најловена риба пред доделување на концесијата и тоа со маломерни и забранети мрежи, успеавме истите целосно да ги отстраниме што придонесе за кус период од само неколку месеци да имаме значително зголемување на рибниот фонд на белвица. Успеавме после 20 години да го обновиме плодиштето на плашицата во Пештани и да ја вратиме оваа риба во својата природна средина. Исто така за прв пат по две децении во Пештани се фрлаше влак-истакна Танасоски.
Концесионерот уверува дека комерцијалниот излов се врши крајно внимателно, а во 2013 година се поднесени преку 40 прекршочни и над 20 кривични пријави. Собрани се околу 15 километри нелегално поставени мрежи.
Инаку, по повод Денот на рибарите од „Пастрмка 2012“донираа плашица која ќе можат да ја пробаат сите посетителите на овој настан. Од таму истакнуваат дека и во иднина ќе ја помагаат организацијата на оваа манифестација.
{loadposition content9}