Локалната ќе спасува колку може повеќе од Студенчишкото блато
Студенчишкото блато според градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во најголемиот дел претворено во депонија за градежен отпад. Бакрачески потенцира дека едно од најважните прашања е колку таа ревитализација ќе овозможи долгорочна одржливост на блатото.
Локалната прави напори за придвижување на процесот за ревитализација на Студенчишкото блато. Според градоначалникот Никола Бакрачески, ова природно богатство уште пред триесетина години го загубило својот вистински лик, а во моментот претставува во најголем дел една депонија за градежен отпад. Бакрачески вели дека просторот кој ќе биде опфатен со проектот за ревитализација на блатото е направен во консултација со сите надлежни институции од областа на екологијата како и со претставници од Германската агенција за соработка која ја изработила студијата и проектот за ревитализација на блатото.
„Ставот наш е јасно дефиниран. Во овој момент онака како што и вие го поставивте прашањето провејуваат размислувања дека просторот кој ние го одредуваме за ревитализација на блатото бил многу мал. Колкав и да е просторот, секако дека ќе биде подобар отколку оној простор кој изминативе 30 години е деградиран. Можеби е најдобро ние еден ден да се договориме со голем број од претставниците на надлежните институции од Охрид, наредната средба, да биде на место на блатото во Охрид, каде што ќе можеме директно да направиме заклучоци како ќе го трасираме патот кон реализација на оваа наша идеја.“-рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Бакрачески смета дека за жал најголемиот дел од Студенчишкото блато е веќе деградиран. Вели дека не е добро да се замајува јавноста и да се кочи процесот за ревитализација на блатото, бидејќи тоа е една иницијатива со која треба да се спасува она што е преостанато од него.
„Со реализацијата на проектот за ревитализација на дел од блатото, основната цел ќе биде подигнување на еколошката свест во Охрид, но и во Република Македонија. Тоа блато сакаме и понатака доколку е изводливо да се ревитализира, да стане своевиден едукативен центар за најмладите, за да почнат да ја развиваат еколошката свест уште од најрани години. Тоа ќе има и образовен и едукативен карактер, покрај тоа што ќе служи како објект со кој ние имаме намера да ја подигаме еколошката свест кај граѓаните на Охрид.“-вели градоначалникот Бакрачески.
Бакрачески вели дека за спроведување на проектот за ревитализација на блатото голема пречка е и фактот дека голем дел од блатото е приватен имот, па доколку постојат реални услови за негова ревитализација ќе треба тој имот да се откупи од сопствениците. Градоначалникот Бакрачески уште еднаш ја потенцираше улогата на Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат во насока на заштита на Студенчишкото блато, но и негативната улога на голем број институции кои изминатите години според него можеле да ја сопрат неговата деградација.
Инаку реакциите во јавноста околу прашањето со Студенчишкото блато доаѓаат откако беше обелоденето дека наместо првичните 10 до 15 хектари кои беа одредени со студијата од 2012та година, најверојатно под заштита ќе биде ставен значително помал простор.
{loadposition content9}