СДСМ: Студенчишкото блато наместо да се заштити ќе се урбанизира
Градските власти на Охрид ќе ја пренаменат заштитената зона околу Студенчишкото блато по инструкции од власта на ВМРО – ДПМНЕ, обвинуваат ОО на СДСМ. По се изгледа и ова мало заштитено парче ќе се урбанизира, додаваат од таму.
Развојно туристичка зона и урбанизација на Студенчишкото блато, наместо реализација на проектот „Заштити го блатото сочувај го златото“, предупредуваат охридските социјал демократи. Портпаролот на ОО на СДСМ Александар Кузески истакна дека ништо од она, што било усвоено и потврдено од релевантните лица и институции, за Студенчишкото блато не важело. Важеле инструкциите, добиени од власта на ДПМНЕ, според кои локалната самоуправа треба да изврши ревизија на зоната на строга заштита.
„Сега дознаваме дека студијата не важи, дека одлуката на охридските советници од пред две години не важи и дека мислењата и ставовите на домашните и меѓународните експерти не важат. Во вода, или подобро речено во блато паднаа пригодните зборови на сите оние кои пред само една година помпезно ја најавија резлизацијата на проектот „Заштити го блатото, сочувај го златото“. Од тој проект не бидна ништо ни заштитен појас, ни туристичка атракција, ни мостиња и патеки за движење, ни едукативни киосци за набљудување, ниту пак резервати и хабитати за флората и фауната“ – вели Кузески.
Кузески појаснува дека со Интегрираната студија од јануари 2012 година Студенчишкото блато е валоризирано како природен феномен каде што е истакнато неговото особено значење за Охридското езеро. Додава дека во моментов градските власти на тоа гледаат со поинакви очи, односно тие сакаат да го пренаменат.
„Сето тоа од страна на властите на ДПМНЕ се прави со една единствена цел, блатото да се пренамени во развојно туристичка зона и да се урбанизира. На тој начин, власта на ДПМНЕ прави двоен упад, ем го девастира и уништува тоа што треба да биде прогласено за споменик на природата и заштитено како значајна природна реткост, ем повторно, како во случајот со Љубаништа, Св. Наум и Плаошник, ги одзема ингеренциите на Советот на Општина Охрид и носи одлуки базирани исклучиво врз лични и ситно-партиски интереси, не почитувајќи ја волјата на охриѓани. Штетите, што на тој начин ќе му бидат нанесени на живиот свет во Студенчишта и во Охридското Езеро, ќе бидат огромни и ненадоместливи“ – изјави Кузески.
Предложеното заштитено подрачје, Студенчишко Блато, во категоријата споменик на природата, зафаќа површина од 64 ha. Од заштитеното подрачје, со студијата се предвидени: 27 хектари зона за одржливо искористување, 21 хектар зона за активно управување и 16 хектари зона на строга заштита. ОО на СДСМ Охрид ја повикува стручната јавност, посебно луѓето што се залагаа за промоција и реализација на пректот од пред две години, да не дозволат да бидат замолчени и игнорирани од страна на властите на ДПМНЕ и решително да го кренат својот глас против уништувањето на нашето природно наследство.
{loadposition content9}