Иако досега освоија девет медали на зимските олимписки игри во Сочи, без сомнение Канадските спортисти заслужуваат и медаља за фер-плеј.
Посебно се истакна тренерот на канадскиот тим во нордиско скијање Џастин Вадсворт, кој му помогна на Русинот Антон Гафаров да помине низ целта.
По лошото попладне за неговите спортисти Вадсворт во вторникот се шетал околу целта на патеката и сакал да го изгледа крајот на полуфиналето во машкиот спринт.
Додека ја гледал трката, опкружен од другите тренери, го загледал Гафаров како приоѓа кон целта, но се мачи. Гафаров бил еден од фаворитите за освојување на медал, но паднал низ една од удолнините и ја скршил скијата, а потоа дел од скијата му се сплеткал во ногата. Вадсворт во тој момент видел што се случува, погледнал околу себе и видел дека никој не превзема ништо, вклучувајќи ги и руските тренери.
„Беше како да гледаш некое животно заробено во замка. Едноставно, не можете само немо да гледате и ништо да не превземете“, рече канадскиот тренер.
Вадсворт реагирал така што грабнал резервна скија која била за секој случај ако му затреба на Алекс Харви, и излегол на патеката. Гафаров застанал кога го приметил Канаѓанецот, и се наведнал за да му ја намести новата скија. Не проговориле ни збор, Гафаров само климнал со главата, кога Вадсворт му ја заменил скијата и продолжил понатаму.
„Сакав само достоинствено да помине низ целта“, рече Вадсворт, кој три пати има учествувано на Олимписките игри како скијач.