Асфалт ќе легне на улиците во Косел, Вапила и Сирула
Коселчани ќе газат по асфалтирани улици, а по асфалт ќе се движат и возилата од Вапила кон Сирула. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска и официјално ја најави реализацијата на двата проекти, за кои, службите на Локалната самоуправа изработиле издржана програма која била прифатена од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој.
Денеска отпочна асфалтирањето на уличките во Косел. Тоа е реализација на еден од двата проекти со кои Локалната самоуправа, на оглас од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, аплицираше кон крајот на месец мај минатата година. Првиот човек на општина Охрид, д-р Никола Бакрачески се пофали дека програмите се покажале како издржани и точно поради тоа и двете биле прифатени од Агенцијата.
„Ова асвфалтирање ќе заземе 8 краци во село Косел со вкупна должина од 1000 метри на површина на 3000 метри квадрати. Рок на изведување на работите е еден месец. Втората програма опфаќаше асфалтирање на патот од Вапила кон Сирула кој опфаќа реконструкција во должина од 1700 метри квадрати и изградба на нов пат во должина од 2700 метри“– вели Бакрачески.
Градоначалникот Бакрачески нагласи дека патот од Вапила кон Сирула треба да се заврши за два месеци. Исто така кажа дека вкупната вредност на двата проекти изнесува 23 500 000 денари. Тој не испушти да се заблагодари и до сите оние кои допринесоа за да дојде до реализација на овие според него два мошне важни проекти.
„Јас би ја искористил оваа прилика да се заблагодарам на службите на општина Охрид кои макотрпно работеа во сиве овие месеци за добивање на овие два проекти и секако да се заблагодарам на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој за поддршката која ни ја дадоа и за прифаќањето на нашата апликација во однос на овие два проекти“.
Изведбата на градежните зафати за двата проекти Локалната Самоуправа ја довери на Градежната фирма Илинден од Струга.
{loadposition content9}