ЗОИ се затворени, но и понатаму не стивнуваат реакциите од скандалозното доделување на златниот медал на Аделина Сотникова во уметничко лизгање, слободна програма. Русинката го освои златото пред Кореанката Ким Јуна, која стави крај на кариерата со само 23 години.
Додека Русите ја прославуваа одлуката на судиите, сите беа шокирани од неа, како во салата во Сочи така и ширум светот. Поголемиот дел смета дека Кореанката имала потешка програма и дека требаше да го одбрани златото од Ванкувер. Револтот се зголемил кога се објавила сцената каде 17 годишната Сотникова по освојувањето на златниот медал се фрлила во прегратка на една од судиите!?
Целиот случај добива уште полоши димензии затоа што судијката која е во прегратка со Сотникова , Ала Шековцова, е сопруга на претседателот на лизгачкиот сојуз на Русија, а меѓу судиите бил и Украинецот Јури Балков, кој е исфрлен од спортот на една година бидејќи пробал да намести гласање на ЗОИ во Нагано 1998 година.
Меѓународниот олимписки одбор ги отфрли шпекулациите за завера, но Ким Јуна имала права војска од фанови кои преку социјалните мрежи се потрудија светот да ја дознае вистината и сите овие чудни случувања од ова финале.
Во меѓувреме, собрани се преку 1,5 милиони потписи за да се повтори гласањето, но и тоа како е јасно дека тоа нема да се случи.