Со донација до нови инструменти
Организацијата „Македонија 2025“ денеска му додели донација во Основното музичко училиште „Методи Патче“. Таа се состои од 5 илјади и 300 долари наменети за набавка на музички инструменти.
Основното музичко училиште „Методи Патче“ доби донација во висина од 5 300 американски долари, со кои ќе се набават инструменти за училишето. Средствата ги подари oрганизацијата „Македонија 2025“ која во Охрид го организира Глобалниот инвестициски самит. Парите беа собрани од концертот што оваа организација го организира во октомври минатата година во црквата „Света Софија“ за учесниците на самитот. Донацијата ја врачи Зоран Мартиновски, член на Бордот на директори на „Македонија 2025“. Тој рече дека оваа организација и во иднина ќе инвестира во културата во Македонија. Директорката на ОМУ „Методи Патче“ Нина Момироска истакна дека оваа донација има големо значење за училиштето, а пред се за учениците кои свират на музичките инструменти. На денешната средба присуствуваше и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески кој го поздрави ваквиот гест и најави дека Охрид од септември ќе добие средно музичко училиште. Тоа ќе биде дисперзирана паралелка на музичкото училиште од Штип, а за реализација на овој проект се чека согласност од Министерството за образование. Паралелката ќе работи во истите простории од Основото музичко училиште Методи Патче.Инаку, учениците музичкото училиште денеска подготвија музичка програма со која се претставија пред гостите. На градоначалникот Бакрачески и на претставниците на организацијата „Македонија 2025“, им беа доделени благодарници.
{loadposition content9}