Волонтерите од Црвен Крст, повторно во акција
Во склоп на програмата ЦКА-ПХВ (Црвен Крст во акција-Промоција на хумани вредности) која се реализира во ООЦК Охрид, младинци на возраст од 14-18 години имаа за цел да ја истражат заедницата и преку изработка на мали проекти им помагаат на сите они луѓе на кои им е потребна помош.
Понекогаш е доволно човек само да даде мал поттик, да им посочи на луѓето каде и кога да се обратат. Така , младите волонтери на Црвен крст од Охрид, вклучени во ЦКА-ПХВ програмата, со поддршка од нивниот дисеминатор, неодамна успешно завршија еден од проектите. Усреќија едно четворочлено семејство. Станува збор за социјално загрозено семејство од Лескоец со 2 малолетни девојчиња.
Станува збор за семејство во кое двајцата родители се невработени, а едното девојче има здравствени проблеми, односно поради немање средства веќе 2 години не извршило офталмолошки преглед, плашејќи се дека нема да можат да си дозволат нови диоптриски очила. Потребни им биле и нови кревети, затоа што оние кои ги имаа не беа веќе функционални.
Од црвениот крст објаснуваат дека кај нив има многу активности за секоја возраст.
„Волонтерите Гордана и Марија се приклучија во работилницата за изработка на оригами. Заедно со останатите волонтери и нашиот тим, изработените оригами ги продадовме пред Нова година. Целиот тим се договори дека од собраните средства ќе и се обезбедат потребните очила. Но, за среќа, постоеше донатор кој ги покри трошоците, а ние и обезбедивме нови зимски чизми. Но нашата акција не запре, туку продолжи понатаму. За да можат редовно да доаѓаат во Црвен крст и понатаму да се вклучат во активностите како и останатите волонтери, им обезбедивме бесплатен превоз со автобус,“ објаснуваат од Црвениот Крст од Охрид.
„Сега сме премногу среќни дека на едно семејство од нашата заедница им дадовме малку надеж, и преку анимирање на бизнис секторот заеднички им го олеснивме нивниот живот. Од друга страна пак нашата среќа е неизмерна затоа што и семејството на Црвен крст Охрид се збогати со две интелегентни волонтерки кои со љубов и желба доаѓаат и помагаат на други лица. И само ако среќата и љубовта се споделат со другите, светот би бил прекрасно место за живот. Ова е нашето мото, ова е мислата која како водилка ни го покажува патот.“ додаваат оттаму.
{loadposition content9}