Домашна визита за сите стари лица
Во охридскиот регион дијабетот е под контрола, за разлика од кардиоваскуларните заболувања и хипертензијата кои не се под контрола. Ваков е впечатокот на директорот на Здравствен Дом, д-р Митко Дабески, според подтатоците добиени од досегашните прегледи и контроли, што нивната патронажна служба ја спровела врз околу 2100 пациенти од градов и руралните средини.
„Домашна визита“ е проект на превентивни здравствени прегледи. Старите и изнемоштени лица во охридскиот регион кои што не се во можност да вршат редовни контроли и прегледи, од месец ноември минатата година во нивните домови ги посетува поливалентната служба. Имено, патронажните сестри во нивните домови, како што рече првиот човек на ЈЗУ Здравствен дом, д-р Митко Дабески, вршат прегледи како мерење крвен притисок, шеќер во крвта, хемоглобин, холестерол, а во определени случаи и ЕKГ прегледи.
„Имаме еден акционен план, една динамика на посета од тие 13 патронажни сестри, тие одат во домот ги посетуваат пациентите, гледаат што терапија има и забележано е дека во последно време дијабетот е добро контролиран, а забележано е дека кардиоваскуларните заболувања и хипертензијата не се добро контролирани кај некои пациенти. Тоа што значи, оди патронажаната сестра проверува притисок, пациентот зема терапија а има 200 притисок и таа го советува што треба да прави“ – вели Дабески.
Динамиката со која се посетуваат пациентите во своите домови е согласно потребата од тоа, какви заболувања има во Охрид. Поточно Здравствениот Дом добива списоци на пациенти од Министерството за здравство кои се избрани според дијагнозите евидентирани во националниот електронски систем „Мој термин“, како што појаснува Дабески. Но има можност и оние кои не се опфатени во тие списоци, да добијаат соодветен третман во рамките на проектот „Домашна визита“, додава Дабески.
„Министерството за здравство има списоции, од таму месечно ни пуштаат список да кажеме од 700 пациенти со име презиме и тел.број. Каде што има недостаток на некои адреси и телефони ние ги бараме, значи имаме регистар во итната медицинска помош од компјутер ги ваѓаме и од статистика со центарот за јавно здравје и тие пациенти се нотирани и тие ги посетуваме, може еднаш, двапати. Ако некој не е посетен и детектиран може да се обрати во патронажната служба на тел 268-269 и да ја побараат главната сестра“– нагласува директорот.
Во Охрид и регионот досега околу 2100 стари и изнемоштени лица се прегледани во рок од три месеци. Поливалентната служба не ја запоставува и основната работа, посета на бремени жени и родилки. Дабески ја обелодена и последната новина која се однесува на поливалентните служби. Покрај прегледите при посетите на старите и изнемоштени лица и родилките, сестрите ќе треба да детректираат кои од пациентите во фамилијата немаат свој матичен доктор или гинеколог, бидејќи на ниво на земјава има 200 000 пациенти кои немаат избрано свој матичен лекар.