Изгоре трската во Подмолје
Голема површина на трска се пеплоса кај Подмолје. Трската претставува голем природен филтер, но за жал нејзиното палење е доказ на несовесно однесување на поединци кон природата, забележуваат екологистите. Тие сметаат дека потребно е да се ангажираат поголем број инспектори на терен.
Изгоре голема површина на трска кај Подмолје. Пред два дена, сите оние кои поминаа по стариот пат Охрид – Струга имаа можност да забележат како пламените јазици проголтаа добар дел од трската, која претставува природен филтер. Екологистите потсетија кое е значението на заедниците на трска.
„Со уништување на трската, не се уништива само како растение, туку се уништуваат и живеалиштата на птиците, нивните гнезда, потоа живеалиштата на ципровидните риби исто така се уништува и трската која што значи природен прочистувач на водите од Охридското Езеро и комплекс кој што штити од налетот на брановите. Со уништување посебно на корените и ризомите на трската тоа значи дека се уништува еден комплекс заштитен на трска кое што со векови опстојува на брегот на Охридското Езеро“ – вели Ѓоко Зороски од Еколошкот друштво „Грашница“, Охрид.
Екологистите порачаа, дека не смее да се пали органска материја, а уште построго е уништување на природните еко системи. Зороски со став дека надлежните треба да поведат повеќе сметка околу тоа.
„Луѓето треба да се свесни дека со тоа уништуваат еден природен филтер на Охридскот езеро, еден бенефит за сите и претставува една грда слика за туристите кои што доаѓаат во нашиот регион. Со еден збор ја покажуваме нашата несовесност, не само кон природата туку и оние кои што доаѓаат кај нас ја гледаат негрижата кон приородата од страна на поединци. Затоа сметаме дека можеби е потребно да се зголеми бројот на инспекторите кои што ќе бидат на терен и кои што ќе ги казнуваат несовесните поединци“– нагласува Зороски.
Од концесионерот на Охридското Езеро разбравме дека е поднесена соодветна пријава против непознат сторител. Додека пак, државниот инспектор за животна средина Зоран Димоски, кажа дека до него не стигнал никаков извештај ниту од полицијата, ниту од општинскиот инспекторат за алармантната состојба околу палењето на трската во крајбрежниот појас. Тој рече дека дополнително ќе излезат на терен со цел да согледаат колку површина е зафатена. Досега за палење на трската на крајбрежниот дел на Охридкското Езеро не е откриен ниту еден сторител.
{loadposition content9}