Локална: Не е прв пат советот да носи правилници
Крајно навредливо е да ја потценуваат јавноста и да ја убедуваат дека изградбата на затворен пазар и субвенционирањето на туристичката такса штетно ќе влијаат врз живеењето и работењето на граѓаните. Уште понавредливо е што ја напаѓаат оваа локална самоуправа која гради капитални објекти, а кога СДСМ ја предводеше локалната власт за осум години не се реализира ниеден капитален проект, стои во реакцијата од Локалната самоуправа на денешниот прес на ОО на СДСМ.
Реакцијата од Локалната самоуправа на денешната прес конференција на ОО на СДСМ Ви ја пренесуваме во целост.
Општинската организација на СДСМ, со намера да и им се додворува на граѓаните по секоја цена, секојдневно свикува празни и банални прес- конференции. Стигнаа дотука, веќе да не им веруваат на медиумите, па после секоја седница на Советот на општина Охрид, свикуваат прес- конференции, за да објаснат што сакале да кажат. Крајно навредливо е да ја потценуваат јавноста и да ја убедуваат дека изградбата на затворен пазар и субвенционирањето на туристичката такса штетно ќе влијаат врз живеењето и работењето на граѓаните. Уште понавредливо е што ја напаѓаат оваа локална самоуправа која гради капитални објекти, а кога СДСМ ја предводеше локалната власт за осум години не се реализира ниеден капитален проект.
Во нивни претпознатлив стил, да ја искривуваат вистината, со денешната прес- конференција сами си влегоја во контрадикторност и покажаат дека очигледно ја лажат јавноста. Зборуваат за недостатоците на физибилити студијата за Затворен зелен пазар , а истата ја поддржаа на 15-тата седница на Советот на општина Охрид одржана на 05.12.2013 година. Тоа потврдува дека сите освен охридскиот СДСМ знаат дека на лагата и се куси нозете.
И повторно по кој знае кој пат СДСМ си го покажа правото лице, со не подржувањето на правилникот за субвенционирање на туристичката такса со кој се дава помош на вршителите на угостителски услуги од мал обем. Па кој е тука лицемерен господа од СДСМ, оној што помага или оној што е против тоа?
Во Закон за локална самоуправа никаде не стои дека правилниците мора да ги носи градоначалникот, односно дека советот не смее да ги носи. Единствен правилник кој според Законот за локална самоуправа изричито е кажано дека го носи градоначалникот е Правилникот за ситематизација. Правилникот е општ акт. Па од тука Ве информираме дека во Деловникот за работа на Советот на општина Охрид, кој патем е донесен во 2003 година, постои цела глава со која се објаснува постапката и процедурата за носење на општи акти. Ова не е прв случај да советот на општина Охрид носи правлници. Вакви случаи имало и во минатите совети. Имено на 12.06.2006 година на 17тата седница е донесен Правилник за стекнување и распределба на средствата остварени од партиципација од ученици во општинските средни училишта и на 15.11.2007 година на 45тата седница на советот е донесен Правилник за работа на облиците на месната самоуправа на општина Охрид.
Па господа од СДСМ престанете еднаш за секогаш да го потценувате народот, бидејќи како што Ви напоменавме погоре на лагата и се кратки нозете.