Тунтев: Какви се проектите на ДПМНЕ?
Кандидатите од владеачката ДПМНЕ не само што одбиваат и се плашат да се појават на дуел, туку цело време се обидуваат да манипулираат со јавноста, обидувајќи да ја префрлат одговорноста врз опозицијата за сопствената неспособност, незнаење и немоќ. Згора на тоа, цело време ги кршат и не ги почитуваат законите на оваа држава, затоа што се власт што владее со закани, уцени и заплашување, обвини на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од редовите на СДСМ, Томислав Тунтев.
Вработените во Локалната самоуправа и по јавните претпријатија се принудени да носат списоци со гласачи, болниците и училиштата се претворени во партиски штабови на ДПМНЕ, плакати од Иванов се лепат каде што е тоа недозволено, во екот на изборната кампања се тампонираат и се асфалтираат улици ,се подготвуваат „бугарски возови“, се вработува во јавните претпријатија и државните установи а на сиромашните им се ветува простување на долговите и неплатените сметки, кажа на денешната прес конференција Томислав Тунтев, кандидат за пратеник од СДСМ. Со нереалната изборна програма ДПМНЕ нуди нови 2046 проекти како „Инфо средба со млади“ „Соседска патрола” „На кафе кај соседот”, потенцираше Тунтев и запраша зошто централната власт цели 8 години не ги презела и реализирала проектите како скијачки центар на Галичица, автопатот за Кичево, експресниот пат за Св. Наум, индустриска зона во Мауцкер.
„Зошто до сега не ги реализира? Зошто се чекаат само избори, за да се ветуваат истите работи. Ги видовме ние проектите на оваа власт – Хотелот Славија, кој работеше успешно во текот на целата година, му се продаде на контраверзниот Субрата Рој: денес на таблата пред хотелот стои знакот на Сахара груп, хотелот е затворен и не работи, 20 луѓе останаа без работа, 20 семејства останаа без леб, а Субрата Рој заврши во затвор во неговата земја за финансиски малверзации. Каде исчезнаа ветените луксузни хотели од познатите хотелски ланци? Каде исчезна ревитализацијата на Студенчишкото блато? Каде исчезна ветената сообраќајница од мостот до Горица? Каде исчезна аеродромот на вода? Каде исчезна туристичкиот комплекс во Љубаништа? Зошто охриѓани останаа без болница и соодветна здравствена заштита цели 3 години?“– прашува Тунтев.
Новата програма на СДСМ не е празна реторика туку чесен, добро осмислен и остварлив концепт за подобрување на животниот стандард и враќање на демократските општествени вредности кои ќе и овозможат европска, просперитетната иднина на Македонија, кажа Ѓоко Танасоски, кандидат за пратеник на СДСМ. Сами одлучуваме како сакаме да изгледа државата денес но уште поважно како да изгледа државата во која ќе живеат нашите деца утре, додаде Танасоски.
„Победата на Стево Пендаровски ќе ги најави промените за нов почеток. Сите ние, граѓаните на Република Македонија, ќе го имаме в раце најмоќното демократско средство со кое ќе одлучиме за иднината на оваа земја, гласачкото ливче. Затоа, на 13 април треба да покажеме дека Македонија заслужува претседател, човек зад кој стои народ , човек кој обединува, човек со македонски дух но и европски принципи, човек кој ќе умее да ја води Македонија на патот кон побогата, постабилна, поперспективна и пореспектирана држава. Тоа сигурно е Стево Пендароски. На 13-ти, во недела Ве повикувам да се соединиме и заедно да ги донесеме промените во Република Македонија, а на 27-ми да оствариме уште една, двојна победа, за од 28-ми конечно да започнат промените во Македонија.“- изјави Танасоски.
{loadposition content9}