Зафат за подобро функционирање на Дневниот центар „Зраци“
Подолг период Дневниот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост „Зраци“ од Охрид се соочуваше со инфраструктурен проблем кој го отежнуваше нормалното работење на центарот. Проблемот наскоро ќе биде решен, велат од Јавното претпријатие „Нискоградба“.
Во Дневниот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост „Зраци“ своето време го минуваат околу дваесетина деца и млади со интелектуална порпреченост од градов. Центарот се наоѓа во подрумските простории на основното училиште „Братство – Единство“ и веќе извесен период и штитениците и вработените од центарот се соочуваат еден инфраструктурен проблем поврзан со нормалното одвивање на нивните секојдневни активности.
„Иако центарот располага со функицонална кујна, сепак подолг временски период стои потребата да биде инсталирана пумпа која ќе ги спроведува отпадните води до градскиот канализационен систем, бидејќи самиот центар се наоѓа во подрумски простории“ објаснува Зоран Костадиноски, дефектолог во центарот. Со тоа штитениците би можеле непречено да ја користат кујната, во голема мерка ќе се подобрат и хигенско-технолошките услови. Од Локалната самоуправа од Охрид се запознаени со овој проблем па така преку ЈП „Нискоградба“ се пристапува кон подобрување на условите на штитениците од овој дневен центар.
„Јавното претпријатие „Нискоградба“ веќе таа пумпа ја набави, потребни се само уште некои делови кои се потребни таа непречено да функционира.Законската постапка и процедура за набавка веќе е започната, така да во идниот период во најскоро можно време ќе биде поставена во дневниот центар со што ќе може непречено да функционира“, изјави Сашо Донев директор на ЈП „Нискоградба“.
Поточно, после завршувањето на тендерот кој веќе е во процедура, ќе се пристапи кон инсталирање на пумпата и сите пропратни елементи, објаснуваат од ЈП„Нискоградба“.
{loadposition content9}