СДСМ: „Власта избра политика на контролирани конфликти во кои луѓето се поделија на наши и ваши“
На денешната прес конференција, кандидатот за пратеник од оваа партија, Мишел Силјаноски рече дека моделот кој го промовира власта е во интерес само на мала група луѓе која работи спротивно на интересите на граѓаните.
„Власта не стимулира толеранција и доверба, туку раздор и поделено општество“-обвинија од СДСМ на денешната прес конференција.
Тие сметаат дека власта спроведува модел од кој профитира мала група на луѓе, која работи спротивно на интересите на државата и граѓаните. Кандидатот за пратеник од редовите на СДСМ, Мишел Силјаноски, вели дека власта е невешта во водењето на надворешната политика поради која, според него, се создаваат проблеми со соседните држави. Во рамките на надворешната политика, Силјаноски се осврна и на Самитот на претседателите кој според СДСМ пропаднал поради некадарното водење на надворешната политика од страна на власта. Според Силјаноски, власта наместо да пропагира соживот и толеранција, ги исмева сопствените граѓани преку социјалните мрежи затоа што одлучиле да заминат на одмор во некоја од соседните земји. Тој додаде дека мора заедничка главна цел да биде изградбата на едно толерантно општество без предрасуди и порача дека е доста од тепачки по училиштата, поделби и дискриминација. Според Силјаноски современиот политичар мора да биде личност со високо морални квалитети кој ќе работи за општествениот напредок.
„Во изминативе неколку години се изнаслушавме прилично контрадикторни изјави од страна на актуелните владини претставници. Кажуваат дека одредени крупни, капитални, инфраструктурни проекти не ни се неопходни, односно за истите не е исплатливо да се изведат за потоа и лично да си ги прибираат заслугите за нивната евентуална изградба. Почитувани! Политичарот во 21от век мора да биде високо профилирана личност, со високи човечки морални, етички квалитети и вредности, вистински и слуга на народот. Политиката не е професија и граѓаните на општина Охрид знаат да препознаат кој најдобро ги застапува нивните интереси во соодветните институции, а кој се самопромовирал и работел само за својот личен напредок и интерес. Општествениот напредок и прогрес можат да го прават само вистински луѓе со соодветен личен кредибилитет, углед и авторитет.“-рече кандидатот за пратеник од СДСМ, Мишел Силјаноски.
{loadposition content9}