ОУ „Христо Узунов“ со богата програма го одбележа својот патронат
Изложба на уметнички дела, рецитали, изведба на хорски дела. Се во духот на годинешната тема на патронатот „Посеано од дамнина, расеано за навек“.
„Горди сме што го носиме името на еден од хероите на македонската историја“, со овие зборови директорот на основното училиште „Христо Узунов“, Тони Симоноски го појасни значењето на одбележувањето на патрониот празник на училиштето. Тие својот патронат го одбележаа со дводневни активности и тоа посета на куќата на Христо Узунов, положување на цвеќе на бистата во нивниот училишен двор, како и бистата на херојот во градскиот парк. Чествувањата ги продолжија со организирање на уметничка изложба на дела од поранешни и сегашни ликовни педагози од училиштето, како и дела на ученици кои учествувале на ликовниот конкурс организиран од училиштето.
„Програмата носи наслов „Посеано од дамнина, расеано за навек“, тука е сплотеноста на македонскиот народ, македонската историја, односно неговото опстоување, векови како тоа опстанало и како се движи, односно и за тоа говори „расеано за навек“. Токму од таа причина и оваа тематска изложба каде што претставници, односно учесници се двајца пензионирани колеги, Слободан Пупиноски и Симон Костадиноски, луѓето кои што денес работат во нашето училиште, а биле ученици во нашето училиште, Ристе Никлески и Ристе Пуцоски, тука е и Јулијана Шишоска, а исто така ги имаме и наградените творби од ликовниот конкурс кој што го имаше нашето училиште, така да тоа е еден сплет на повеќе генерации во нашето училиште.“-рече директорот на ОУ „Христо Узунов“, м-р Тони Симоноски.
Професорката Јулијана Шишоска, која беше и дел од самата изложба, пак вели дека е чест да се даде свој допринос во она што се нарекува одбележување на патрониот празник на училиштето.
„Јас веќе четири години, ова ми е петта година каде што се занимавам со оваа работа. Тоа е нешто ретко кај нас, витраж, тифани техника, а повеќето од овие дела што се изложени и кои со задоволство ги изложив по овој повод, се изработени во почетокот на моето творештво. Специјално за оваа изложба ми е изработен крстот, со намена, со љубов, за оваа изложба.“-вели професорката во ОУ „Христо Узунов“, Јулијана Шишоска.
Учениците од „Христо Узунов“ почитта кон нивниот патрон ја искажаа со прекрасните хорски изведби и рецитали посветени на Узунов. Како дел од целата манифестација, директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоноски го потпиша и збратимувањето со ОУ„Вук Караџиќ“ од Врање-Република Србија. Воедно беше доделено и признанието за првенец на генерација, а честа да ја носи таа титула и припадна на ученичката Емилија Ванкоска. Инаку чествувањето на Христо Узунов продолжи и денес со организирана посета на местото на кое охридскиот херој го загубил животот, селото Цер во кичевско. Паралелно, во училиштето „Христо Узунов“ се организираа и спортски натпревари во чест на патронот.
{loadposition content9}