СВР Охрид, го одбележа денот на полицијата
СВР Охрид традиционално го одбележа 7-ми Мај, денот на македонската полиција, со низа настани. Тоа беше работно, скромно и достојно на функцијата односно надлежностите на полицијата, како што велат од СВР.
7 ми Mај денот на македонската полиција СВР Охрид го одбележа со низа активности. За најдобар полицаец на годината е прогласен Мите Печовски, кој беше награден со телевизор од Локалната самоуправа на Охрид. Професионалното извршување на работата и работните задачи во МВР и откривањето на повеќе кривични дела во СВР, допринесоа, денес моето име да се најде меѓу најдобрите на локално ниво вели Печовски.
„Оваа награда за мене претставува чест и задоволство и еден поттик во понатамошнот работење во Министерството за внатрешни работи. Му се заблагодарувам на градоначалникот на општина Охрид и секретарот и сите вработени во Локалнта самоуправа кои што со овој мал подароок ми дадоа едно мало внимание кое што ќе ми служи како сатисфакција понатака во животот“– нагласува Печовски.
Наградата на најдобриот полицаец му ја врачи секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески. Тој во име на градоначалникот и Локалната самоуправа го честита денот на македонската полиција и нагласи дека имаат добра соработка со СВР Охрид.
„Особено сакам да искажам благодарност до началникот на СВР Охрид Зоран Сарафилоски заедно со целокупниот негов тим, за комплетната соработка која што во изминатава година ја остваруваме и за сите мерки кои што од нивна страна се преземени за безбедноста во градов. Резултатите се евидентни Охрид е мирен и безбеден град каде охриѓани и гостите кои што го посетуваат Охрид се чуствуваат безбедно а сето тоа е плод на одличната соработка и посветеноста во работата која што ја имаме со СВР Охрид“ – истакна Спасески.
Посветено работиме на безбедноста во градов, истакна портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Тој во име на началникот на СВР, Зоран Сарафилоски, се заблагодари за вниманието од охридската Локална самоуправа на денешниот празник на полицијата но и за досегашната добра соработка.
„Дозволете да се заблагодариме што имавте доблест оваа традиција на доделување на наградата за најдобриот полицаец да ја продолжите бидејќи имавме одреден застој извесен период. Значајно е тоа за нас бидејќи тоа упатува на еден гест кој што е дирекна поддршка на СВР Охрид и во таа насока на сите наши напори за зголемување и постојано одржување на висок степен на безбедноста во градот Охрид. Придонесуваме значително заедно со вашите служби и тоа посебно е за истакнување во оваа прилика работиме заедно во интерес на граѓаните“ – вели Димоски.
Одбележувањето на денот на полицијата беше работно, скромно и достојно на функцијата односно надлежностите на полицијата како што велат од СВР. Претставници на Секторот денес присуствуваа на приредба во градинката „Јасна Ристеска“ каде што беше промовиран проектот „За мојата безбедност се грижиме јас и мојот пријател полицаец“. Исто така беше одржан сообраќаен час и презентација на дел од материјално-техничките средства на СВР Охрид за учениците од македонските, албанските и турските паралелки од О.У. „Братство“. А за градоначалниците и останатите претставници на Општините Охрид и Дебрца, претставници на охридскиот Основен суд и Јавното обвинителство, подрачните единици на министерствата, образовни институции, невладини организации беше организиран свечен прием.
{loadposition content9}