Критичарите велат дека одлуката на Европскиот суд на правда, по која граѓаните можат да бараат од Google бришење на податоци, ги слабее темелите на демократијата и дека тешко ќе се спроведува во пракса.
Од 13 мај, кога Европскиот суд ја донесе одлуката, на Google му се обратиле еден екс политичар кој има намера повторно да се кандидира, маж обвинет за злоупотреба на детски фотографии и лекар кој сака да се тргнат негативните мислења на пациентите, дознава BBC. Сите тие, и многу други, ќе се обидат да го искористат правото кое со оваа пресуда го имаат – од резултатите на пребарувањето на своето име да избришат се она што не им се допаѓа.
Адвокатот Марк Стивенс пишува во Guardian дека тоа е опасен чекор во погрешен правец кој ја слабее демократијата, бидејќи секој ќе може да побара бришење на податоци, дури и ако се точни и јавно достапни на друго место.
“Приватноста е универзално право кое мора да се заштити, но оваа пресуда најверојатно ќе им помогне на моќниците за повторно да ја пишуваат историјата”, пишува Стивенс, член на иницијативата “global network” која се бори за заштита на слободата на говорот и приватноста во информатичката ера.
Одлуката е донесена по молбата на шпанскиот суд во случај на еден Шпанец кој со години се обидувал да издејствува бришење на резултати каде се гледа дека пред 16 години му била запалена куќата поради долгови. Судот со седиште во Луксембург пресудил дека граѓаните можат да бараат од пребарувачите да избришат одредена содржина која ја сметаат за неприкладна и ирелевантна, а компаниите како Google ќе мораат да одлучат која информација се вклопува во овие критериуми.
Стивенс го критикува судот затоа што цел терет го префрли на пребарувачите кои се само посредници и не би смееле да се охрабрат да цензурираат информации.
“Мотивирани поединци кои имаат пари да поднесат жалби ќе припаѓаат на политичката и бизнис елита за кои јавноста треба да има непречени резултати при пребарувањето. Компаниите ќе бидат под притисок да избришат она што ќе им се побара за да избегнат правни трошоци за оспорување на нелегитимни барања”,пишува тој.
Одлуката на судот го нагласи јазот помеѓу европското и американското разбирање на приватноста. Додека на стариот континент преовладува чувството дека приватоста и контролата на лични податоци е основно човеково право, во САД акцентот е на слободата на говорот. На Американците им е чудно да му се даде моќ на поединец да влијае на резултатите од пребарувањето. Некои во шега велат дека најголеми добитници ќе бидат француските министри кои сакаат последната љубовница да биде заборавена.
{loadposition content9}