Охрид на прво место по бројот на иселени лица
Охрид на прво место во државава по бројот на иселени лица во изминатата година. Ова го покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Од Локалната тврдат дека прават напори да ја изменат ваквата состојба.
Се поголем број млади луѓе го напуштаат градов. Овој факт загрижува и отвара многу прашања. Каде младите охриѓани ја гледаат својата иднина, овде или во странство. Колку тие се задоволни од можностите кои ги нуди градов за вработување и за обезбедување егзистенција.
-Јас сакам да останам во градов и тука да ја градам својата иднина, вели една млада охриѓанка.
-Го сакам градов но ако во странство ми се понудат подобри можности можеби би заминал, не сум размислувал за тоа, кажува еден средношколец.
-Јас сум патриот и сакам да останам во земјава, а им советувам и на останатите овде да сеи ја бараат среќата, вели еден млад татко.
Овој став на случајно избраните анкетирани граѓани не се совпаѓа со официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Според нив минатата година 534 граѓани на Охрид се иселиле надвор од државата, а со тоа градов се наоѓа на прво место по бројот на иселени лица.
Минатата година надвор од Македонија се отселиле 945 граѓани. Од податоците се гледа дека земјата ја напушта високо едуциран кадар. Македонија ја напуштил еден доктор на науки – и тој е од Охрид. Потоа се отселиле 16 магистри, при тоа 13 од магистрираните се од Охрид. Со високо образование државата ја напуштиле 90 граѓани, од кои 80 повторно се од Охрид. Отселени граѓани кои имаат завршено само средно училиште се 325, од кои 257 се од Охрид, со завршено само основно училиште отселени се 163, од кои 129 се од Охрид. Со непотполно основно училиште отселени се 14 граѓани од кои 11 се од Охрид, и без образование отселени се 20 граѓани од кои 17 се од Охрид. Го контактиравме охридскиот градоначалник да се произнесе дали ваквите податоци за него се загрижувачки и што ќе се направи за да се измени ваквата состојба.
-„Ние како власт на локално ниво, со поддршка од власта во Скопје правиме големи напори за повторно заживување и обновување на стопаснтвото во Охрид. Новите инвестиции во градот, како што се ОДВ Електроник се само почеток на инвестицискиот циклус кој треба да го обнови нашето локално стопанство. Во тој павец е и отворањето на индустриската зона кај Мауцкер која урбанистички ќе биде комплетирана до крајот на оваа година. Напорите за зајакнување на локаланта економија првите ефекти ги има во туризмот каде минатата и оваа година бележиме раст на посетеноста пред се на странски туристи, а јас сум убеден дека локалната економија полека но сигурно ќе оди по нагорна линија, а тоа е единствена стратегија да се задржат младите во Охрид“, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Инаку, како дестинации кои охриѓаните ги избрале за започнување нов живот се земјите од Европа, Австралија, Нов Зеланд, САД, Канада. Оние кои заминале, како причина за тоа ги навеле семејните работи, вработувањето и склучувањето на брак. Дел пак воопшто не се изјасниле зошто се иселуваат од Македонија.
{loadposition content9}