Православните христијани денес го слават Иванден
Православните христијани денеска го слават Денот на раѓањето на Свети Јован Крстител (Иванден).
Свети Јован Крстител е пророк кој се родил шест месеци пред Христос, наречен Предтеча поради неговата објава на веста за доаѓањето на Месијата. За Јован самиот Спасител рекол дека е најголем меѓу родените од жена и дека до него се „законот и пророците“, а од него па натаму Царството Божјо се проповеда со Евангелието.
Во својата триесетта година започнал да проповеда во јудејската пустина и да го повикува народот кон покајание.
Според евангелистот Лука, Јован ја започнал својата проповед во 15 година од царувањето на Тивериј, во времето на јудејскиот намесник Понтиј Пилат и Ирод Антипа. Првичното место на служба му била јорданската пустина, а потоа јорданскиот брег. Она што тој постојано го нагласувал е дека неговото крштение со вода е само подготовка за пречекот на Месијата, и дека Месијата Кој доаѓа е поголем од него. А токму Христос доаѓа на Јордан со барање да биде крстен, за да „ја исполни секоја правда.“ Јован Го крштева Исус и Го претставува на народот како „Јагне Божјо кое на себе ги зема гревовите на светот“и за да „ја исполни секоја правда.“
Како нестрашлив проповедник на богоморалниот живот, свети Јован не се воздржувал од упатување прекори на царот Ирод Антипа поради неговиот незаконски брак со Иродијада, жената на својот полубрат Филип, која во бракот ја донела и нејзината ќерка од претходниот брак (Светото Предание сведочи дека нејзиното име е Салома, Саломе).
Поради тоа, Ирод го фрлил во темница во тврдината Махир, во пустината, и сакал да го убие. Од тоа го одвраќала помислата на народот, за кој свети Јован „важеше за пророк“. На Иродовиот роденден, за време на гозбата, Салима со своето танцување го воодушевила Ирод, кој пред сите ветил дека ќе и подари се што ќе посака, „па дури и половина царство“. Откако мајка и ја советувала, Салома ја побарала главата на светиот Јован Предтеча, и царот и ја исполнил желбата: џелат му ја отсекол главата на славниот Христов пророк, и и ја дал на девојката, а таа на својата мајка. Дознавајќи за тоа, учениците Јованови го погребале остатокот на неговото тело.
{loadposition content9}