Владини субвенции за работодавачите што ќе вработат приматели на социјална помош
Покрај овој оглас, невработените имаат можност да аплицираат и за активната мерка за обука кај познат работодавач и на тој начин да дојдат до вработување.
Примателите на социјална парична помош кои активно бараат работа преку Центрите за вработување, добиваат можност за вработување преку новата мерка за субвенционирање на работодавачи кои ќе вработат невработени лица од оваа категорија. Примателите на социјална парична помош за оваа мерка можат да поднесат пријава до подрачниот Центар за вработување и со тоа да се вклучат во оваа активна мерка. Огласот за истата беше објавен на 5ти Јули, а крајниот рок за пријавување истекува на 25 Јули 2014 година.
„Самата субвенција се состои во тоа што се обезбедуваат од буџетот на Агенцијата, односно од Владата на Република Македонија, средства во висина од 14.000 денари за работодавачот односно тие средства ќе бидат исплатени на име на бруто плата на вработеното лице со субвенционирање, а исто така се обезбедуваат и 3000 денари по вработено лице за работодавачот на име на трошоци и спроведена обука во период од 6 месеци.“-вели директорот на Центарот за вработување-Охрид, Јован Баткоски.
Субвенционираното вработување е во траење од 6 месеци со обврска за работодавачот да го задржи лицето во наредните шест месеци. Единствен услов кој треба да го исполни невработеното лице е да биде на списокот на активни баратели непосредно пред објавувањето на огласот, додека пак за работодавачот услов е од денот на објавувањето на огласот да не го намалил бројот на вработени на неопределено време освен во случај на пензионирање или смрт.
Приоритетна група кај невработените приматели на социјална парична помош се лицата на возраст од 16 до 29 години, но со мерката се опфатени и лицата над оваа возраст. Паралелно со оваа нова мерка, Центарот за вработување од Охрид ја спроведува и активната мерка за тримесечна обука на невработени кај познат работодавач.
„Оваа мерка се спроведува на тој начин што се обезбедуваат средства, финансиски за невработеното лице, кое е вклучено во оваа обука во траење од три месеци, а во износ од 5.700 денари во кој износ е вклучено и осигурувањето во случај на несреќа при работа и професионално заболување. Исто така предвидена е и соодветна дотација или поддршка на работодавачот за трошоците на обуката во износ од 4.080 денари по вработено лице.“-рече Баткоски.
Инаку после спроведената обука, сите оние лица кои успешно ја завршиле обуката треба да бидат вклучени во работен однос или формално вработени, а работодавачот е должен да ги задржи во работен однос најмалку шест месеци по истекот на обуката која трае три месеци.
{loadposition content9}