Швеѓани ќе ни ги расчистуваат некомерцијалните плажи
Акцијата ќе ја спроведат волонтерите на Црвениот крст заедно со Јавното претпријатие Охридски комуналец и Лајонс клубот од Гетеборг, Шведска во текот на утрешниот ден.
Волонтерите од Клубот на млади на Црвениот крст заедно со претставници од ЈП „Билјанини извори“ и Лајонс клубот од Гетеборг-Шведска ќе ги расчистуваат некомерцијалните плажи. Нивната еко-акција ќе се спроведува во текот на утрешниот ден, а ќе опфати повеќе плажи кои немаат концесионери, а ќе се започне со расчистување на пределот на Грашница, како и другите плажи каде што вирее трската.
„Ваквата иницијатива или поттикот да го направиме ова е како резултат на непријатната слика и присутниот смет на плажите кој несоодветно и несовесно завршува на истите, односно најчесто на некомерцијалните плажи кои ги имаме во нашиот град, а кои би можеле да бидат добро искористени од сите оние плажари кои доаѓаат да уживаат на бреговите на Охридското Езеро. Во нашата акција, волонтерите од Клубот на Млади ќе бидат активно вклучени во една организирана, претходно добро осмислена акција за расчистување на сметот односно ѓубрето кое е затекната на самото место.“-вели Младен Божиновски од Црвениот крст од Охрид.
Божиновски вели дека оние плажи кои не ќе можат да ги расчистуваат од копно, ќе ги чистат со помош на чамците од спасителната служба. Инаку утрешната акција е всушност продолжение на акцијата за расчистување која вчера ја спровеле волонтерите на Црвениот крст од Охрид.
„Сликата која ја затекнавме не беше баш сјајна. Изненадувачки имаше ѓубре или смет кој доста долго време бил присутен тука. Се нашол во езерото или на плажата, езерото го исфрлило. Така да имавме доста работа, полни раце работа да кажам, но сепак продолжуваме понатака со оваа иницијатива.“-рече Божиновски.
Еко акцијата за расчистување на некомерцијалните плажи е отворена акција. Сите кои сакаат да помогнат и да земат учество во истата, треба утре во 8 часот наутро да бидат на зборното место кај градскиот стадион „Грашница“ и да го дадат својот придонес во расчистување на плажите.
{loadposition content9}