Нелегален приклучок на канализациона шахта-причина за загадувањето на реката Сушица
Освен што се загадува реката, жителите се жалат и на неподносливата миризба која за нив е секојдневние.
Канализациона шахта која се прелева е причината за загадувањето на реката Сушица. Жителите на Радојца Новичиќ години наназад реагираат на постојаното преплавување на шахтата, но и одвратната миризба која се шири, а која за нив, за жал е секојдневние.
Одговори побаравме од локалната самоуправа. Од таму ни одговорија со допис, велејќи дека проблемот настанува поради тоа што постои нелегален приклучок на канализациона шахта поради што се надминува капацитетот на мрежата и доаѓа до прелевање. Велат дека дел се влева во реката, а дел продолжува низ одводниот систем. Нелегалниот приклучок се наоѓа на шахта која е дел од цел систем на подземни канали кои некогаш биле дел од комплексот погони на поранешната фабрика Застава. Од локалната информираат дека инспекциите излегле на терен и констатирале дека дивиот приклучок е направен од некој од денешните субјекти кои ги користат погоните на фабриката.
Во координација со ЈП Нискоградба бил затворен доводниот канал преку кој доаѓаат водите, а шахтата била затворена со катинари, но уште истата ноќ непознат сторител ги искршил истите и одводот повторно бил отворен. Од локалната самоуправа велат дека писмено се известени сите корисници на погоните од поранешна Застава дека некој од нив е дивоприклучен, но до денес никој не им потврдил дека е приклучен на мрежата од поранешната фабрика. Од локалната додаваат дека следниот чекор кој ќе го преземат ќе биде бетонирање на доводите во канализацијата кои се користат на диво.
Инаку Телевизија ТВМ во неколку наврати информираше за овој проблем. Но се чини дека тешко се допира до свеста на загадувачот, особено што со загадувањето на реката Сушица, се загадува и Охридското Езеро со оглед на тоа дека истата се влева во него.
{loadposition content9}