Охриѓани ќе почекаат на улично осветлување со лед светилки
Отстранување на дефект во јавното осветлување во рок од 24 часа. Ова е основната обврска за економскиот оператор кој склучи договор за јавно-приватно партнерство со локалната за одржување на уличното осветлување.
Булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, како и улицата „7ми Ноември, според економскиот оператор кој е задолжен за одржување на уличното осветлување, биле во најкритична состојба кога започнале да го спроведуваат договорот за јавно-приватно партнерство со општината. Компанијата ДУ-ЕЛ-МА која веќе 20 години работи во областа на електрониката, почнувајќи од средината на минатиот месец, откако на јавниот повик беше избрана за најповолен понудувач, започна со активности за замена на уличното осветлување токму на овие најкритични точки.
Договорот кој го склучиле со локалната е со траење од една година или до исполнување на износот по договорот. До овој момент имале полни раце работа.
„Наша обврска е да имаме две екипи нон-стоп на терен и да ги опслужуваме, треба во рок од 24 часа или евентуално ако е недела малку да се пролонгира, но во рок од 24 часа по пријавувањето ние мораме да одиме и да го отстраниме дефектот, сијалицата. Си има служби во општината кои ни даваат налог за работа и ни кажуваат денес одите таму и таму, на тој број на сијалично место и ние постапуваме по тоа.“-вели Пецо Неданов-„ДУ-ЕЛ-МА“, оператор за одржување на улично осветлување.
Според Љупчо Танески од Фондот за комунален развој и сообраќај, по преземањето на работата од новиот економски оператор, јавното осветлување во градов е во многу подобра кондиција.
Сепак замената на уличните светилки сеуште се прави со стандардни светилки со жолта светлина, а не со долгонајавуваните модерни лед-светилки.
„Имаше иницијатива од страна на општина Охрид за поставување на модерно улично осветлување, на определени делови од градот, избран е моделот и бидејќи за поставување на такво посовремено улично осветлување потребен е извесен период за монтажа и подготовка на самиот терен каде што ќе се поставуваат, во најбрзо можно време ќе пристапиме кон поставување на модерно улично осветлување, пред се во центарот на градот и на самиот плоштад.“-рече Љупчо Танески-Фонд за комунален развој и сообраќај
Инаку реализација на идејата за замена на обичното улично осветлување со ново и економично осветлување со лед светилки се најавува веќе извесен период наназад, но за жал сеуште улиците на охриѓани им ги осветлуваат стандардни светилки. Потребата од истите е и повеќе од очигледна со тоа што според експертите, електричната енергија која тие ја користат е за 4 до 5 пати помала од онаа која им е потребна на стандардните светилки.
{loadposition content9}