Заедничка понуда на Охрид и туристичките центри од соседството за поголема промоција на градот
Ова се само дел од пораките кои ги пренесе генералниот секретар на Светската туристичка организација, при денешната посета на локалната самоуправа и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
Промовирање на природните и културно-историските убавини на Охрид и Македонија со цел светот да слушне за ова место. Генералниот секретар на Светската туристичка организација при Обединетите нации, Талеб Рифаи оваа порака ја пренесе на денешната средба со претставници од локалната самоуправа, како и при средбата со претставници од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Генералниот секретар Рифаи изрази увереност дека Охрид може да стане едно од најпознатите туристички места во светот поради својата уникатна понуда.
„Нема многу места низ светот кои имаат комбинација од природни убавини, историско богатство и диверзитет во понудата од планините до езерото. Дискутиравме утрово за многу аспекти за тоа како најдобро да се искористи ова место. Ова место заслужува да биде познато во остатокот од светот. Кога сте на вакво место, растргнати сте помеѓу две спротиставени чувства, среќата што гледате едно уникатно место, и чувството дека сакате целиот свет да може да го види истото, и тоа треба да го направите балансирајќи со понудата и можностите на инфраструктурата која треба да може да прими многу посетители.“-вели генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи.
Генералниот секретар Рифаи ја истакна потребата на поврзување на Охрид со туристичките дестинации од соседството и креирање на една единствена понуда која ќе понуди различни атракции.
„Една од идеите која што падна на денешната средба е идејата за поефективно поврзување на градот Дубровник со градот Охрид. Во делот на туристите кои доаѓаат да го посетат Дубровник ако има можност, а тој рече дека ќе помогне во организирањето на таквата можност, и во реализација на политичката помош за сето тоа да се оствари и дел од туристите кои го посетуваат Дубровник да бидат дел од посетата на градот Охрид.“-рече Ангел Јанев-Заменик градоначалник на Охрид
Освен локалната самоуправа, генералниот секретар денес оствари средба и со претставници и студенти на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Деканот на факултетот, професор д-р Сашо Коруновски вели дека за нив претставува голема чест што посетата на претставниците од Светската туристичка организација доаѓа во вистински момент да ја најави долгогодишната традиција на образование и туризам во Охрид како една од првите институции кои го направиле тоа на Балканот.
Рифаи го истакна значењето на младите и едуцирани кадри во насока на развој на туризмот.
{loadposition content9}