Maси и столици на тротоарите, а пешаците на коловозот
Улицата “Коста Абраш“ опасна по безбедноста на пешаците. На тротоарите пред рестораните „Александрија“ и „Чун“ поставени се маси и столици па пешаците мора да се движат по коловозот. Тие прашуваат како Локалната дозволила поставување урбана опрема на двата тротоари. Се поставува и прашањето каде е сообраќајната полиција и нејзиното стручно мислење и насоки при носењето на вакви решенија од страна на локалните власти, а кои се однесуваат на безбедноста во сообраќајот.
Maси и столици на тротоарите а пешаците на коловозот. Ваква е сликата на улицата “Коста Абраш“, пред рестораните „Александрија“ и „Чун“. На овој потег има огромна фрекфенција на пешаци и автомобили кои се движат по коловозот затоа што тротоарите се пренаменети во угостителски објекти. Пешаците стравуваат за својата безбедност и се прашуваат како Локалната дозволила поставување урбана опрема на двата тротоари и тоа не само во летниот период туку преку целата година. Од Локалната велат дека опремата е поставена согласно програмата што се носи за поставување урбана опрема, а која претходно била одобрена од стручна комисија од секторот за урбанизам, а изгласана од Советот на општината.
–Како Локална самоуправа можиме да се согласиме дека тука се прави малку поголем метеж, но од друга страна при изготвувањето на планот за поставување урбана опрема се мислеше на интересот на угостителите на тие два угостителски објекти. Сето тоа повеќе наликува на некакво медитеранско катче од Охрид кое повеќе има позитивна од негативна конотација со таа гужва на луѓе отколку што навистина некому може да му смета, вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа.
Од изјавата на општинскиот портпарол излегува дека и Локалната и граѓаните се согласуваат во едно, дека при изготвувањето на програмата за поставување урбана опрема се мислело само на интересот на угостителите на тој потег а не и на безбедноста на граѓаните. Охриѓани се надеваат дека тоа ќе се промени што е можно поскоро бидејќи нивната и безбедноста на туристите треба да е на прво место.
–Во овој момент нашите согледувања се дека бенефитот е поголем од загубата односно од незадоволството на граѓаните, но тоа не значи дека наредната година ќе биде поставена иста таква опрема на истиот простор, вели Џамтоски.
Се поставува и прашањето каде е сообраќајната полиција и нејзиното стручно мислење и насоки при носењето на вакви решенија од страна на локалните власти а кои се однесуваат на безбедноста во сообраќајот. Побаравме информација од СВР Охрид, кој е нивниот став за сообраќајното решение на улицата Коста Абраш и дали било побарано мислење од сообраќајната полиција при носењето на планот за поставување урбана опрема на двата тротоари. До затворањето на дневникот одговор не добивме.
Само за потсетување на почетокот на туристичката сезона во акцијата „Недела на безбедност на пешаците“ полицијата им делеше црвени и зелени картони на пешаците за нивното однесување во сообраќајот. Во случајов со безбедноста на истите тие пешаци на улицата Коста Абраш, и сообраќајната полиција и локалната власт и советниците кои ја изгласале програмата за поставување урбана опрема, од граѓаните добија црвен картон.
{loadposition content9}