Комедијата на Гогољ „Женидба“ видена низ очите на мистичниот руски театар „У моста“
Актерите преку оваа претстава исполнета со чуда и неверојатни акции ќе се обидат да одговорат на вечното прашање Зошто луѓето стапуваат во брак.
Мистичниот театар „У моста“ од Перм, Русија ќе даде ново светло на драмата на Николај Васиљевич Гогољ, „Женидба“. Режисерот на претставата Сергеј Федотов вели дека во секоја нивна изведба на оваа претстава гледачите остануваат зачудени, велејќи дека во претставата се случуваат чуда соодветно на репутацијата на театарот „У моста“ на мистичен театар.
„Една од интересните идеи во нашата претстава е тоа дека ние пронајдовме дека во секоја претстава на Гогољ има ѓавол. И тој ѓавол во нашата претстава е Качкарјов, тој човек кој измислува и прави различни ѓаволски работи, тој сам прави претстава.“-вели режисерот Сергеј Федотов.
Улогата на ѓаволот Кочкарјов ја игра човекот кој во театарот „У моста“ е од неговото основање, Василиј Скуданов.
„Смешно во нашата претстава е тоа што ѓаволот сака да им смета на Поткаљосин и другите, ама ништо не му излегува и на крај човекот го победува ѓаволот.“-рече Василиј Скиданов-актер
Главната улога во претставата, на Агафија Тихоновна ја игра Ирина Молианова, која според режисерот Федотов е вистинска руска жена во која публиката веднаш се заљубува.
„За мене улогата на Агафија Тихоновна е многу симболична улога и за мене тоа е улога на прочистување, на духовно прочистување, тоа е исто како човек да оди во црква и да се помоли. Тоа за мене е многу важно, и е една од моите најсакани улоги.“-изјави актерката Ирина Молианова.
А претставите на Федотов можат да бидат комични и трагични, магични и мистериозни со натприродни сили, кои секогаш се присутни на сцената. Сето ова го изразува специфичниот поглед на Федотов кон театарот, кон законите на човековото постоење, како и врските помеѓу внатрешното „јас“ и надворешниот свет. „Женидба“ ќе можете да ја погледнете утревечер во предворјето на катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.
{loadposition content9}