Skip to main content

Зафати во Болничките цркви од наесен

Од наесен ќе се уредуваат дворните места на црквите Св Богородица и Св Никола Болнички, за ТВМ открива Тања Паскали Бунташеска, директорката на НУ Завод и Музеј Охрид. Од Дебарско – кичевската епархија со скромни коментари.

 |  Николоска Биљана  | 
crkva
црква

Како што телевизија ТВМ информираше пред десеттина дена, сепак ќе се уредува дворното место на болничките цркви Св Богордица и Св. Никола. Поттикнати од бројните забелешки на граѓаните кои постојано укажуваа на грдата слика од разурнатиот ѕид, ја продолжуваме сторијата за болничките цркви. Првиот човек на Завод и Музеј Тања  Паскали Бунташеска открива дека есенва ќе се уредува дворнотo место на овие две цркви.

crkva „Ќе се регулира во теков на есенскиот период, моментално изработуваме заштитно конзерваторски основи потребни за урбанизација на тој простор и се надевам дека ќе најдеме заедничко решение со црквата тоа да го вклопиме и да го изведеме да биде добро и за црквата и за граѓанит“ – вели Бунташеска.

Од Дебарско- кичевската епархија  со скромни коментари. Според нив, најверојатно ќе се гради мал објект во дворното место на црквата Св Богородица, кој ќе служи исклучиво за потребите на црквата, како и тоа дека хортикултурно ќе се уредуваат црковните дворови.

Само за потсетување Македонската Православна црква пред две години започна активности за изградба на конак во дворот на црквата св.Богородица Болничка, што според тогашната изјава на директорката на НУ Завод и Музеј Охрид Тања Паскали Бунташеска, било бесправно и истите беа стопирани од инспекциските служби при Управата за заштита на културно наследство и со записник и решение, на МПЦ и беше наложено срушениот ѕид да биде вратен во првобитната положба.

crkvaБолничките цркви не само што се на мошне атрактивна локација во срцето на стариот дел на градот, тие во себе кријат трајни вредности кои датираат од 14, 15 и 19 век.

Впечаток на граѓаните е дека овие две значајни цркви не се доволно експонирани во јавноста, па поради тоа и посетеноста е послаба. Бунташеска не се согласува со ваквото размислување на граѓаните.

„Можеби едната е повеќе експонирана кога се направи малиот плоштад, долу каде што беше градската библиотека бидејќи со портата плоштадот директно е поврзан со црквата, меѓутоа се посетени црквите не мислам ддека не се и го завземаат навистина централното место од стариот дел на градот имаат мошне атрактивна локација и се интересни за градот “ – нагласи Бунташеска.

crkvaВо таа насока оди уште еден коментар на граѓаните дека портата која ја поврзува црквата Св Никола Болнички со малиот плоштад речиси секогаш е затворена, на што пак негодуваат од дебарско кичевската епархија и негираат дека е така.

Инаку болничките цркви се наречени така бидејќи пред да бидат изградени таму имало болница, карантин. Се наоѓаат една наспроти друга  каде што некогаш бил влезот Долна порта.
Во црквата Св Богородица Болничка е сочуван огромен дел од живописот кој датира од нејзиното настанување во 14 век. Во рамките на црквата се наоѓа и единствениот резбан иконостас во стариот дел на градот кој датира од 1833 година изработен од Никола Дарковски од Лазарополе.
Во црквата Св Никола Болнички пак, се наоѓа посебна камбанарија за која се вели дека е единствена од ваков вид на македонските простори, градена под влијание на архитектонските трендови присутни на Јадранот.
Културно историските вредности кои ги чуваат Болничките цркви заслужуваат да бидат видени од  бројните гости кои го посетуваат нашиот град.

{loadposition content9}