Пожар над селото Опеница
Според информациите на територијалната противпожарна единица и стручните служби при ЈП „Македонски шуми“ се работи за поголема површина, на трева и нискостеблеста вегетација.
Над охридското село Опеница рано изутринава се запали тревна и нискостеблеста вегетација. Поради ветрот огнот брзо се ширел и за кратко време зафатил поголема површина. На лице место излегоа екипи на Територијалната противпожарна единица од Охрид и стручните служби при ЈП „Македонски шуми“ кои поради непристапноста на теренот пристапија кон гаснење на пожарот со рачни распрскувачи на вода.
Пријавено е дека има пожар некаде околу 9 часот и 30 минути при што брзо интервенирале шумочуварските служби заедно со територијалната противпожарна единица од Охрид. Пожарот е ставен под контрола некаде околу 12 часот или 12 часот и 30 минути. Во моментов шумочуварската служба е на терен и го обезбедува местото. Од она што можеше да го увиди и процени екипата која е на терен, најверојатно причинител на пожарот овој пат е неисправен електричен столб.“-вели шефот на заштита при јавното претпријатие „Македонски шуми“, Јовче Цветкоски.
Поради безбедноста на екипите кои учествувале во гаснењето на пожарот над Опеница веднаш било побарано исклучување на опасниот далекувод од напојување со електрична енергија.
Од она што го добивме како информација на лице место од екипите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, за опасноста од спорниот далекувод во неколку наврати во минатото бил известуван корисникот, кој неофицијално е поранешна приватна фирма за обработка на дрво. Само неколку дена пред да се случи пожарот, мештани кои се движеле во атарот на селото Опеница забележале и искрење од овој далекувод, а денес тоа резултирало со пожарот кој за среќа е ставен под контрола. Пожарот зафати површина од околу 10 хектари. За среќа територијалната противпожарна единица со навремена координирана акција спречи пожарот да се прошири на околната дабова шума со што штетата би била далеку поголема.
Инаку , пред три години, во истиот реон, поточно кај местото наречено „Прентов мост“ имаше голем шумски пожар кој тогаш ја зафати боровата шума и се прошири во должина од околу 4 км.
{loadposition content9}