Охридските пензионери севкупни победници на пензионерската олимпијада четврти пат едноподруго
Пензионерите од Охрид и Дебрца по четврти пат севкупни победници на пензионерската олимпијада. Во огромна конкуренција од околу 400 пензионери од целата држава тие освоија 5 златни и три сребрени медали. Велат дека се горди на својот успех и дека овој резултат вреди да се чуе во јавноста.
Пензионерите од Охрид и Дебрца севкупни победници на пензионерската олимпијада. По четврти пат нашите пензионери се освојувачи на преодниот пехар за севкупен победник на игрите, а веќе се сопственици и на еден траен пехар кој го добија за нивното трето последователно прво место на претходните настапи. Тие велат дека со постигнатите резултати на најубав можен начин на своите сограѓани и сите граѓани на републикава го честитаат Денот на независноста, 8ми Септември.
На 19тите републички спортски натпревари, нашите пензионери учествуваа со 23ца претставници, а се натпреваруваа со пензионери од 46 пензионерски здруженија или вкупна бројка од околу 400 пензионери од целата држава.
„Првото место го освоивме со 99 бода или 30 бода повеќе од второпласираната екипа од Куманово. Тоа значи дека беше убедлива победата и нема никакви забелешки по однос на истата и навистина тоа значи дека сме многу силни во оваа конкуренција. Ова е веќе четврто последователно, едноподруго што е за одбележување и е неповторливо се надевам. За наредната година ако смогнеме сили може да се повтори пак успехот, односно петти пат.“-вели секретарот на Здружението, Стефан Владимиров.
Претседателот на здружението, Ѓорѓи Трпчески вели дека резултатот кој тие го постигнуваат навистина заслужува внимание, и смета дека јавноста треба да биде запознаена со напорите и заложбите кои тие ги прават како категорија на граѓани за афирмација на градот.
„Тоа е навистина за почит. Затоа замолуваме да се најде за сходно и локалната самоуправа да не прими на една средба, да ги прими овие спортисти кои навистина заслужуваат, оваа популација навистина се радува кога на овие одминати години ќе стави медал, златни, сребрени, бронзени. Солзи носат радосници кога во една ваква ситуација постигнуваме резултати на едно високо ниво. Некаде над 400 пензионери од Република Македонија се собрале во овие 11 дисциплини, навистина ги избираат најдобрите.“-рече Ѓорѓи Трпчески, претседател на Здружението.
Инаку Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца на игрите кои се одржаа во Тетово учество зеде со 23ца натпреварувачи и се закитија со пет златни и три сребрени медали, а освоија и две четврти, две седми и едно осмо место со што станаа севкупни победници на игрите четврти пат со ред. Тие се натпреваруваа во повеќе дисциплини меѓу кои трчање на 60 и 80 метри, скок од место, тробој, табла.
{loadposition content9}