Албанската страна од Охридското Езеро конечно под капата на УНЕСКО
Проектот ќе се спроведува во координација со Европската Унија и УНЕСКО, а истиот би требало да се реализира во рок од 3 години. Од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, велат дека бенефит ќе има и на албанска и на македонска страна.
Албанската страна од Охридското Езеро конечно пред вратите на УНЕСКО. Ова треба да се постигне со реализацијата на проектот за интегрално управување со целокупниот регион на Охридското Езеро со кој треба да се подготви номинацијата на Албанија за статус на заштита на културното и природното наследство, но воедно и рекапитулација на листата на природни и културни вредности од македонска страна. Воедно во рамките на проектот ќе се изготвува и стратегија за развој на туризмот во регионот, односно т.н софт туризам насочен кон максимално искористување на културните и природни вредности за промоција на туризмот.
„Отпочнувањето на новиот проект има неколку вредности. Првата е дека доаѓа во еден исклучително важен момент кога се носат одлуки за иднината на регионот односно одлуки за заштитата на Охридското Езеро. Втората е прагматична, а тоа е дека албанската страна треба да аплицира и добие статус на заштита на културното и природно наследство под УНЕСКО што ќе значи преземање на обврски и на интегрална заштита конечно на Охридското Езеро, она за кое долго време се боревме и третото е прилично ментална придобивка, а тоа е дека на светот не му е важно дали сме убаво место или не, затоа што ги има многу во светот, туку му е важно дали вие сакате квалитетно да управувате, да го заштитите и пред се квалитетно да го валоризирате она што го имате како реткост и како вредност.“-вели Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Паноски вели дека во финансискиот дел, најголемиот дел од проектот е насочен кон албанска страна, со тоа што во одреден процент е вклучена и македонската страна преку Министерствата за животна средина и за култура.
„Европската унија за овој проект одделува 1.7 милиони евра и 10 проценти учество на албанската страна во овој проект како локална контрибуција. Ние во најголем дел ќе помагаме со нашите искуства кои ги имаме во начинот на подготвување на номинацијата, меѓутоа ќе учествуваме и во пилот мерките за управување со цврстиот отпад, изработката на стратегиите кои ќе помогнат и на наша страна во развој на туризмот и секако дека во еден дел ќе го искористиме за да направиме ревидирање на сето она што го имаме како културно богатство и природна реткост на македонска страна. Проектот е конципиран на интегрално управување за 36 месеци што значи дека во тој временски период треба да се исполнат сите компоненти.“-рече тој.
Според Паноски, значењето на овој проект се состои во самата цел на неговата реализација, односно ставање на албанската страна на Охридското Езеро под заштита на УНЕСКО со што би требало да се создаде и обврска покрај статусот за поголем процент на заштита на Охридското езеро од албанска страна. Инаку реализацијата на проектот започнува во понеделник 15ти септември со почетната работилница во Поградец , каде од македонска страна ќе учествуваат преставници на Министерствата за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура, Завод и музеј Охрид и преставници на општините Охрид, Струга и на општината Дебрца.
{loadposition content9}