35ти фестивал „Браќа Манаки“-скандал, врвни кинематографи и Жулиет Бинош
35то издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во медиумите актуелен поради инциденти на црвениот тепих, а не по квалитетот на филмските имиња. Годинава тројца оскаровци меѓу кои и неповторливата актерка Жулиет Бинош зедоа свое учество на фестивалот, а беше промовиран и најскапиот и долгоочекуваниот македонски филм „До балчак“ на Столе Попов.
По 35ти пат некои од најдобрите кинематографи на денешницата излегоа од своите секојдневија и зачекорија кон Битола, кон Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Годинава црвениот тепих на отворањето на оваа наша најпрестижна филмска манифестација доби некоја поинаква, многу поголема тежина бидејќи на него зачекорија тројца оскаровци кои со својата работа буквално оставаат без здив. Двајца од најдобрите кинематографи на денешницата Крис Менџис и Лука Бигаци, и вистинскиот благодет за сите љубители на филмот, неповторливата оскаровка, актерката Жулиет Бинош. Но наместо ова 35то издание на „Браќа Манаки“ да го паметиме по блескавите гости, убавите филмови, наградите, гламурот, ќе го паметиме по неславниот инцидент кој го предизвика македонскиот режисер Столе Попов на црвениот тепих, ни повеќе ни помалку пред очите на славната актерка Жулиет Бинош. Како тоа да беше малку, на денешната прес конференција посветена токму на неговиот филм, „До балчак“, сценариото скоро идентично на она од црвениот тепих.
„Со зборови малку се спречкаа што би рекле режисерот Столе Попов и директорката на фестивалот, Лабина Митевска. Попов изјави дека фестивалот наликувал на селска приредба, тогаш мислеше на оној чин на црвениот тепих кој тој едноставно го напушти како што тој објасни бидејќи не му било дадено соодветно внимание на режисер кој во Македонија важи за еден од подобрите и за сето она што го направил за македонскиот филм. На тоа реагираше и директорот на фестивалот, Лабина Митевска.“-раскажа колегата Ѓоко Симјаноски- автор и уредник на емисијата „Филмско око“.
Дали причините за можеби несвојственото однесување на еден од нашите најдобри режисери се основани или не, веројатно не е ни најмалку важно.
Она што е важно, се чини како сите да го забораваат, а тоа е дека фестивалот „Браќа Манаки“ постои веќе 35 години, традицијата е долга, а плејадата одлични актери, режисери и кинематографи уште подолга. Никој, ниту посетителите без соодветен дрес код, ниту налутени режисери, ниту организациски пропусти не смеат, ниту во најмала рака да си поигруваат со реномето на овој македонски фестивал кој барем малку наликува на најдобрите светски филмски фестивали. А престојот во Битола, нашата екипа го искористи максимално.
„Нашиот престој во Битола за време на фестивалот го искористивме и за разговор со селекторите на фестивалот, Благоја Куноски, селектор на главната натпреварувачка програма и со селекторот на документарната програма и имавме еден кус разговор со Лабина Митевска. Освен тоа присуствувавме накратко и на излагањето на добитникот на „Златна камера 300“, италијанскиот кинематограф, Лука Бегаци кои имаше излагање пред присутната публика, нешто вообичаено за сите добитници на „Златна камера 300“ како и на главната гостинка Жулиет Бинош.“-рече Симјаноски.
Повеќе детали од ова 35то издание на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе може да погледнете во наредното издание на емисијата на нашиот колега Симјаноски „Кино бавча“ во која Телевизија ТВМ ќе ве прошета не само по црвениот тепих туку и низ филмските остварувања кои беа промовирани на „Браќа Манаки“.
{loadposition content9}